На 3 септември 1901 година, на патот меѓу Разлог и Горна Џумаја, во месноста Предел во Пиринска Македонија, американската протестантска мисионерка Елен Стон била грабната од група комити предводени од Јане Сандански и Христо Чернопеев. Заедно со неа била одведена и нејзината придружничка, бремената Катерина Стефанова Цилка. Аферата, позната како „Мис Стон“, предизвикала светска сензација и за првпат пошироко ѝ ја претставила на американската јавност македонската револуционерна борба.
Планот за друга мета што пропаднал
Идејата за грабнување со цел да се обезбеди откуп произлегла од финансиските потреби на организацијата за набавка на оружје. На советување во Ќустендил во летото 1901 година, Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопеев наводно заклучиле дека ситните грабежи го нарушуваат угледот на организацијата, без да придонесат значително за нејзиното финансиско закрепнување.
Првично бил направен план за грабнување на Сулејман-бег, синот на пашата во Џумаја, но тој план пропаднал. Во тој период комитите дознале дека низ регионот патува американска мисионерка, по што планот бил пренасочен кон неа.
Маскирани како Турци
Грабнувачите биле облечени во турска облека и меѓу себе зборувале на турски јазик, со цел да создадат впечаток дека киднапирањето го извршиле Турци, а не македонски револуционери. Од придружбата, која броела петнаесетина луѓе, комитите ги ослободиле сите освен Мис Стон и Катерина Цилка. Двете жени биле одделени од останатите и одведени длабоко во планината.
Шест дена по грабнувањето, на 9 септември 1901 година, Мис Стон била принудена да го напише првото писмо со кое требало да започнат преговорите за откуп. Писмото го диктирале Сандански и Чернопеев, а Мис Стон сама одлучила кому да го упати. Го испратила до својот стар пријател Костадин Петканчин од Банско, кој требало да го извести Вилијам Пит, благајник на американската протестантска мисија во Цариград.
Првично бил побаран откуп од 25.000 турски лири, што според тогашните пресметки претставувало околу 110.000 американски долари, огромна сума за тоа време.
Бебе родено во заробеништво
Катерина Цилка била бремена во моментот на грабнувањето и се породила додека била во заробеништво. Според дел од изворите, породувањето се случило во близина на селото Ратево, во Беровско. Според подоцнежните сеќавања на Сандански, кога се родило детето, било завиткано во партали што ги користеле четниците за виткање на ножевите.
Кога бебето почнало да плаче за време на патувањето низ планината, според неговото сведоштво, дел од четниците предложиле да биде убиено од страв дека плачот ќе ја открие групата. Сандански остро се спротивставил, оценувајќи дека со убиството на детето би ја компромитирале сопствената кауза пред светот. Девојчето подоцна било наречено Елена, во чест на Мис Стон.
Османската војска испратена по заложничките
Наместо веднаш да биде исплатен откупот, османските власти испратиле воени единици во потрага по групата на Сандански. По неколку судири, заложничките не биле ослободени, а четата не била уништена.
Во меѓувреме, османските власти се обидувале да ја префрлат одговорноста за грабнувањето врз други револуционерни структури. Во еден телеграм, османскиот валија во Солун известил дека откупот бил исплатен и дека е распишана потерница по претседателот на Македонскиот врховен комитет, Борис Сарафов, иако зад самото грабнување стоеле Сандански, Чернопеев и нивните луѓе.
Ослободување по шест месеци
По долги преговори, грабнувачите на крајот се согласиле на значително намалена сума, околу 14.500 до 15.000 турски лири во злато. Откупот бил исплатен во јануари 1902 година во Банско. Во почетокот на февруари 1902 година, по речиси шест месеци во заробеништво, Мис Стон, Катерина Цилка и нејзиното двомесечно бебе Елена биле ослободени во близина на струмичкото село Градошорци. Оттаму биле испратени до протестантската црква во Струмица.
Аферата предизвикала огромен интерес во светската јавност и резултирала со интензивна размена на телеграми, документи и писма меѓу американските, османските и револуционерните претставници.
Животот по аферата
Катерина Цилка подоцна имала уште две ќерки и двајца синови. Починала во Тирана во 1952 година, на 86-годишна возраст. Мис Стон ги надживеала повеќето од луѓето што учествувале во нејзиното грабнување. Починала во 1927 година, на 81-годишна возраст, и никогаш повторно не се вратила во регионот.
Приказната за нејзиното грабнување подоцна станала дел од македонската културна меморија и била екранизирана во филмот „Мис Стон“ од 1958 година, еден од најпознатите рани македонски играни филмови.