Камионџиите од Западен Балкан најавија блокада на границите со ЕУ на 14 септември

Камионџиите од Западен Балкан најавуваат блокада на товарните и железничките терминали на границите со ЕУ на 14 септември поради правилото 90/180.

Професионалните транспортери од Западен Балкан најавуваат блокада на граничните премини кон Европската Унија на 14 септември, во знак на протест поради ограничувањето на престојот во Шенген-зоната. Претседателот на српското здружение на транспортери „Меѓународен транспорт“, Неѓо Мандиќ, изјави дека превозниците нема да се откажат од протестот, бидејќи, како што наведува, европските институции не понудиле решение за специфичната положба на професионалните возачи.

„Ќе протестираме на 14 септември. Ќе ги блокираме товарните терминали и железничките терминали за полуприколки“, изјави Мандиќ.

Транспортерите бараат подолг престој

Главното барање на транспортерите е професионалните возачи кои вршат меѓународен транспорт да можат да престојуваат во Шенген-зоната подолго од 90 дена во период од 180 дена. Според Мандиќ, Европската Унија е свесна за проблемот, но досега не презела конкретни чекори за негово решавање.

„Не можеме повеќе да чекаме“, порача тој.

Од Европската комисија, пак, е соопштено дека правилото 90/180 нема да биде променето, и покрај најавениот протест.

Портпаролот на Комисијата Маркус Ламерт изјавил дека ЕУ е свесна дека одредени категории професионалци од трети земји имаат потреба од подолг престој, но актуелното правило останува во сила.

Електронска евиденција на границите

Спорот дополнително се интензивира со воведувањето на Системот за влез/излез (EES), со кој престојот на државјаните на земји надвор од ЕУ се евидентира електронски. За транспортерите, ограничувањето претставува сериозен проблем бидејќи професионалните возачи поминуваат значителен дел од времето во земјите од Шенген-зоната поради природата на нивната работа.

Тие стравуваат дека надминувањето на дозволениот престој може да доведе до санкции и проблеми при понатамошното влегување во ЕУ.

Најавената блокада на 14 септември би можела да предизвика сериозни застои во товарниот сообраќај на граничните премини меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, доколку транспортерите ја реализираат најавата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс