Што да правиме ако имаме ниско ниво на витамин Д?

Истражување на шведски научници врз повеќе од 12.000 постари лица покажало дека ниските летни вредности на витаминот Д се поврзани со поголем ризик од скршеници и смрт во следните 11 години. Резултатите отвораат прашање кога е најсоодветно да се проверува неговото ниво во крвта.

Ниското ниво на витамин Д во летните месеци може да биде посилен показател за здравствен ризик отколку ниските вредности измерени во зима, покажува ново истражување на научници од Универзитетот во Упсала, Шведска. Витаминот Д му помага на организмот да ги регулира калциумот и фосфатите, кои се важни за одржување на здравјето на коските, забите и мускулите. Најголемиот дел од витаминот Д организмот го создава под влијание на сончевата светлина, а помали количества се внесуваат преку храната, особено преку масната риба, јајцата и одредени видови печурки.

Милиони Европејци земаат и додатоци во исхраната со витамин Д, но голем број рандомизирани клинички испитувања досега не покажале убедливи докази дека неговото рутинско земање го подобрува здравјето или го продолжува животниот век. Шведските истражувачи сакале да утврдат дали сезонските промени во нивото на витаминот Д можат да помогнат во препознавањето на луѓето на кои суплементацијата навистина им е потребна.

Во Европа и во голем дел од северната хемисфера, организмот во текот на сончевите летни месеци создава резерви на витамин Д, кои постепено ги користи во зимскиот период, кога изложеноста на сончева светлина е помала.

„Треба подобро да разбереме кому навистина му е потребна суплементација со витамин Д“, наведуваат истражувачите.

Ниските летни вредности се поврзани со поголем ризик

За да ја испитаат оваа поврзаност, научниците ги анализирале вредностите на витаминот Д во крвта на повеќе од 12.000 постари лица во Шведска. Учесниците биле поделени во групи според периодот во кој им бил земен примерокот: лето, од јули до септември, или зима, од јануари до март. Резултатите покажале дека луѓето со ниско ниво на витамин Д во летните месеци имале поголема веројатност да доживеат скршеница или да починат во следните 11 години, во споредба со оние со високи летни вредности.

Кај лицата со ниско ниво на витамин Д измерено во зима, истражувачите не утврдиле зголемен ризик од скршеници или смрт. Студијата е објавена во научното списание „ПЛОС Медисин“ (PLOS Medicine). Во истражувањето, ниско ниво се сметало за концентрација под 40 наномоли на литар (nmol/L), додека високо ниво било над 80 nmol/L.

Според научниците, резултатите укажуваат дека летото може да биде најсоодветниот период за проверка на витаминот Д. На тој начин лекарите би можеле полесно да ги препознаат луѓето кај кои неговото ниво е трајно ниско и кои би можеле да имаат најголема корист од суплементацијата.

„Треба внимателно да размислиме кога го мериме нивото на витамин Д. Зимските мерења се под силно влијание на сезонските промени, додека ниските вредности во лето поверојатно укажуваат на трајно ниско ниво на витамин Д и поголем ризик од неповолни здравствени исходи“, наведуваат авторите.

Истражувањето не докажува дека недостатокот предизвикува скршеници или смрт

Научниците нагласуваат дека станува збор за набљудувачка студија, што значи дека таа не може да докаже дека ниското ниво на витамин Д директно предизвикува скршеници или предвремена смрт. Дополнително, истражувањето главно опфатило постари лица со бела кожа од Шведска, па резултатите не мора да важат подеднакво и за други популации. Сепак, поврзаноста останала присутна и откако истражувачите ги зеле предвид возраста, полот, телесната градба и други фактори.


Авторите сметаат дека се потребни дополнителни рандомизирани клинички испитувања за да се утврдат можните здравствени придобивки од суплементацијата со витамин Д. Тие предлагаат идните истражувања особено да се насочат кон луѓето кај кои ниските вредности се утврдени во летниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс