Разликите во платите меѓу европските земји остануваат големи. Во 2025 година, просечната годишна бруто-плата за полно работно време во Луксембург била повеќе од петпати повисока отколку во Бугарија, покажуваат податоците на Евростат, објавени на 6 ноември 2026 година. Просечната годишна плата, приспособена за полно работно време, во Европската Унија изнесувала 41.464 евра. За да можат да се споредуваат примањата меѓу земјите, Евростат ги пресметува и платите за скратено работно време како еквивалент на полно работно време.
Но, номиналните износи не ја покажуваат целосната слика. Кога ќе се земат предвид разликите во цените на производите и услугите, односно колку навистина може да се купи со заработените пари, разликите меѓу земјите се намалуваат.
Луксембург на врвот, Бугарија на дното
Меѓу 26-те земји членки опфатени со рангирањето на Евростат, просечните годишни бруто-плати за полно работно време се движеле од 16.201 евро во Бугарија до 85.609 евра во Луксембург. По Луксембург, највисоки просечни плати имале Данска со 73.500 евра, Ирска со 64.387 евра, Белгија со 61.984 евра и Австрија со 60.727 евра. Сите пет земји на врвот имале просечна годишна плата над 60.000 евра.
Меѓу четирите најголеми економии во ЕУ, Германија била на првото место со просечна годишна плата од 56.360 евра. Франција била нешто над европскиот просек, со 44.734 евра. Во Италија просечната плата изнесувала 34.213 евра, а во Шпанија 35.125 евра, што е значително помалку од просекот на Унијата.
Над европскиот просек биле и Финска со 50.960 евра и Шведска со 49.622 евра. На дното на рангирањето, по Бугарија, се Грција со 18.772 евра и Унгарија со 20.138 евра. Меѓу земјите со најниски просечни плати се и Романија со 20.818 евра, Словачка со 21.661 евро и Летонија со 22.688 евра.
Станува збор за бруто-плати, што значи дека нето-примањата се разликуваат во зависност од даноците и придонесите што се плаќаат во секоја земја.
Куповната моќ го менува рангирањето
Сликата е поинаква кога платите ќе се пресметаат според стандардот на куповна моќ (PPS). Оваа мерна единица ги отстранува разликите во цените меѓу земјите, овозможувајќи споредба на тоа колку стоки и услуги може да се купат со одреден износ. Според пресметките на Еуроњуз бизнис врз основа на податоците на Евростат, разликата меѓу највисоката и најниската просечна плата се намалува. Наместо повеќе од петпати, разликата според куповната моќ е околу трипати.
Луксембург и понатаму е на првото место со 65.106 единици PPS. Бугарија се искачува за две позиции, на 24. место, додека Грција го зазема последното место со 21.486 единици PPS. Промени има и во средината на рангирањето. Словенија се искачува над просекот на ЕУ, додека Шведска и Франција паѓаат под него. Полска и Литванија напредуваат за по три места. Австрија од петтото се искачува на второто место, додека Данска паѓа од второ на четврто, а Ирска од трето на шесто место.
Меѓу земјите од Централна и Источна Европа има неколку значајни поместувања. Романија бележи најголем напредок, искачувајќи се од 23. на 18. место, односно за пет позиции. Естонија, пак, има најголем пад – од 16. на 21. место.
Зошто платите толку многу се разликуваат?
Експертите главните причини за големите разлики во платите ги гледаат во различното ниво на економски развој и продуктивноста на трудот. „Во голема мера, главната причина за разликите во платите меѓу европските земји се различните нивоа на економски развој и продуктивност, како и вредноста што ја создаваат работниците“, изјавил за Еуроњуз бизнис Јаан Масо, вонреден професор по применета економетрија на Универзитетот во Тарту.
Слично објаснување дава и Штепан Јурајда, професор на институтот ЦЕРГЕ-ЕИ во Прага. Според него, големите разлики во платите се поврзани со различната достапност на физички и човечки капитал, односно образование, како и со продуктивноста, институциите, регулативата и политиките за истражување и развој.
Значајна улога имаат и правилата на пазарот на трудот. Масо посочува дека минималните плати и колективните договори влијаат врз степенот на еднаквост во примањата. Според него, платите во скандинавските земји вообичаено се порамномерно распределени.
