Search

Николовска: Потребно е етапно да ги затвораме термоелектраните на јаглен и да ги замениме со нови технологии

„Климатските промени се реалност и она што ние можеме да го направиме во моментов е да преминеме кон производство на електрична енергија од обновливи извори, да го искористиме сонцето и да направиме етапен премин и постепено затворање на термоелектраните на јаглен, односно нивна пренамена во нови иновативни технологии, порача во утринската програма на Слободен Печат во соработка со Цивил Медиа, Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Еко свест”.

Таа додаде дека фосилните горива се најголем проблем и државата треба да се фокусира на обновливите извори на енергија.

Според неа потребно е придржување до потпишаните меѓународни договори, меѓу кои и Софиската декларација, но и со членството во Берлинскиот процес, Северна Македонија се залага за нула емисии на гасови до 2050 година. Како што кажа Николовска, со враќањето назад и отворање на нови рудници на јаглен и продолжување на користење на застарените термоелектрани повторно се оди на штета на луѓето.

„Има многу добри проекти испланирано во Плански документ што владата го донесе во 2022 кој се вика Патоказ за праведна транзиција каде има проекти за етапно пренаменување на технологијата во РЕК Битола. Тоа значи РЕК да не се затвори, туку преку етапно преминување, луѓето остануваат да работат таму и постепено воведување нови технологии се до затворање на последниот блок. Ние не сакаме илјадници луѓе да останат без работа“ посочи Николовска.

Таа додаде дека се направија некои вистински чекори во оваа насока изминатите години, но порача дека мораме што побрзо да преминеме на обновливи извори на енергија, со цел да се намалат штетните ефекти од климатските промени.

„Менувањето на климата е поради циклични промени во природата, но овие циклични промени се влошени поради процесите на согорување на фосилни горива и гасовите што одат во атмосферата од тие согорувања. И тоа реално се случува, имаме топлотни бранови и временски настани кои самите метеоролози не можат да ги предвидат. Тоа создава проблем и затоа ние мора да преминеме кон обновливи извори на енергија, најдоцна до 2050 година. До 2050 ние мора да имаме нула отсто емисии“ рече Николовска.

Најново

Последни колумни