Администрацијата на Доналд Трамп разгледува нова ескалација на конфликтот со Иран, а Пентагон веќе подготвил тајни сценарија за можни воени операции, пишува New York Times. Според американскиот весник, специјалните сили на САД и израелската армија се во засилена готовност, додека во тек се интензивни подготовки за евентуално продолжување на нападите врз Иран уште следната недела.
Трамп, кој се врати од Кина, сè уште нема конечна одлука дали ќе продолжи со воените акции или ќе се обиде да постигне договор што би довел до отворање на Ормускиот теснец и намалување на тензиите во регионот.
„Ако не ми се допаѓа првата реченица од предлогот, веднаш го фрлам во ѓубре“, изјавил Трамп за иранскиот мировен предлог додека патувал со Air Force One.
Во меѓувреме, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет потврдил дека Пентагон има подготвен план за ескалација на операцијата, но и сценарио за повлекување на повеќе од 50.000 американски војници распоредени на Блискиот Исток.
New York Times наведува дека Вашингтон паралелно води и дипломатски разговори со Кина, која е важен партнер на Иран и голем увозник на нафта што поминува низ Ормускиот теснец.
Трамп повторно испрати остра порака до Техеран: „Или ќе постигнат договор или ќе бидат избришани од лицето на Земјата.“