Невреме во Грција: порои однесоа автомобили, затворени училишта

Поплави и затворени патишта на Скијатос, Евија и Родос. Властите испратија предупредувања преку 112 за ограничување на движењето

Силното невреме во Грција предизвика поплави, прекини во електроснабдувањето и проблеми во сообраќајот, а во повеќе островски подрачја денеска, 14 октомври, училиштата останаа затворени. На Скијатос поројните води однесоа два паркирани автомобила, додека на Евија надојдените реки доведоа до затворање патишта.

Градоначалникот на Скијатос, Теодорис Цумас, за ЕРТ изјави дека се регистрирани оштетувања на домови и деловни објекти, а вода навлегла во повеќе продавници.

Жителите на островот добија порака преку бројот за итни случаи 112 со повик да ги ограничат патувањата на неопходните. Предупредување беше испратено и за подрачјето Политика на Евија. ertnews.gr

Невреме во Грција: затворени патишта и спасувачки интервенции

На Евија полицијата го затвори патот меѓу Прокопи и Мантуди, а превентивно беше прекинат и сообраќајот меѓу Политика и Псахна, објави „Д опинион“.

На Родос пожарникарите извлекоа жена од автомобил кој останал заглавен поради насобраната вода.

Од доцните вечерни часови на 13 октомври до шест часот утринава, пожарникарите примиле 58 повици во Атика и на Евија, главно за испумпување вода и отстранување паднати дрвја.

Училиштата денеска се затворени на Скијатос, Скопелос, Родос, Сими, на Кикладите и во повеќе општини на Евија.

Предупредувањето е намалено, силните ветрови продолжуваат

Во ажурираниот билтен, објавен претпладнево, грчката Национална метеоролошка служба го намали предупредувањето од црвено на портокалово.

Сепак, силни врнежи и грмежи се очекуваат на Евија, Спорадите, во источна Тесалија, на Додеканезите и на делови од Крит. Во Егејското Море се прогнозираат ветрови од осум до девет бофори до доцна вечерва.


Грчката цивилна заштита ги повика граѓаните да ги следат локалните упатства и да не преминуваат преку надојдени потоци, пеш или со возило, ниту неколку часа по завршувањето на врнежите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс