Невреме пустошеше низ Источна Македонија: Урнати дрвја, пожари и оштетени електрични водови

Пороен дожд и силен ветер погодија повеќе општини, а службите интервенираа цела ноќ. Пријавени се материјални штети, но засега нема информации за повредени лица.

Силно невреме проследено со пороен дожд и силен ветер синоќа зафати повеќе делови од Источна Македонија, предизвикувајќи материјални штети, прекини во сообраќајот и оштетувања на електроенергетската инфраструктура. Најпогодени беа општините Ново Село, Струмица, Радовиш, Делчево и Куманово.

Во Ново Село на повеќе патни правци има паднати дрвја и пречки на коловозите, поради што локалните власти апелираа возачите да бидат особено внимателни.

Во Радовиш пожарникарите расчистуваа улици од паднати дрвја, а интервенираа и при пожар на објект во селото Подареш, кој, според првичните информации, бил предизвикан од искри од оштетени електрични водови. Во струмичкиот регион беа регистрирани пожари во штала во селото Висока Маала и на сува трева во Муртино, додека екипите истовремено отстрануваа паднати дрвја од повеќе локации.

Невремето во Делчево оштети кровови на објекти, електроенергетската инфраструктура и повеќе приватни имоти. Дел од жителите, меѓу кои и деца, биле безбедно евакуирани, а во расчистувањето се вклучија пожарникари, Центарот за управување со кризи и екипи од шумското стопанство.

Силен ветер предизвика проблеми и во Куманово, каде беа урнати дрвја и лимени конструкции на повеќе локации, вклучително и на автопатот кон Скопје кај Романовце. Надлежните служби останаа на терен во текот на ноќта и продолжуваат со расчистување на последиците и нормализирање на сообраќајот. Институциите апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и електрични водови, а секоја опасност веднаш да ја пријават на броевите 112 или 193.

е-Трн да боцка во твојот инбокс