Невреме, пороен дожд и грмежи цела седмица: Метеоролозите предупредуваат да не излегувате без чадор

Македонија ја очекува нестабилна и дождлива седмица со поројни врнежи, грмежи, силен ветер и можност за локално невреме. Температурите остануваат под просекот за мај.

Македонија ја очекува уште една нестабилна и дождлива седмица, со чести врнежи, грмежи и услови за локално невреме, предупредуваат метеоролозите. Според прогнозите, земјава во текот на целата недела ќе биде под влијание на циклонска активност, што ќе донесе променливо време со сончеви периоди, но и чести атмосферски нестабилности.

Можно невреме со град и силен ветер

Во повеќе делови од државата повремено се очекува пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер, а локално процесите би можеле да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме.

Метеоролозите предупредуваат на можност за обилен пороен дожд над 20 литри на метар квадратен, силен ветер со брзина до 60 километри на час, електрични празнења, како и локална појава на град.

Нестабилно време и во Скопје

Слично време се очекува и во Скопје и околината, каде во текот на целата седмица ќе има променливо време со сончеви интервали, но и повремени врнежи, грмежи и засилен ветер. Во делови од Скопската котлина можно е и краткотрајно невреме.

И покрај тоа што календарски се приближуваме кон летото, температурите ќе останат пониски од вообичаените за овој период од годината. Во најголем дел од Македонија дневните температури ќе се движат меѓу 19 и 27 степени, додека најсвеж ден се очекува вторник, кога максималните температури ќе достигнат меѓу 15 и 23 степени.

Во Скопје температурата неделава ќе се движи од 20 до 26 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс