Силното невреме што во вторникот попладне го зафати Скопје го оштети часовникот на фасадата на Музејот на Град Скопје, еден од најпрепознатливите симболи на катастрофалниот земјотрес од 1963 година.
На фотографија објавена на социјалните мрежи се гледа дека е оштетена стрелката што ги означува секундите. Засега нема информации дали невремето предизвикало дополнителни оштетувања на механизмот или на останатите делови од часовникот.
Часовникот со децении стои на 5:17
Часовникот на Старата железничка станица со децении е запрен на 5 часот и 17 минути — времето кога на 26 јули 1963 година Скопје беше погодено од разорниот земјотрес.
Неговите неподвижни стрелки останаа дел од колективната меморија на градот и визуелен потсетник на катастрофата во која загинаа 1.070 луѓе, повеќе од 4.000 беа повредени, а над 200.000 жители останаа без своите домови.
Зградата во која денес е сместен Музејот на Град Скопје била изградена во 1939 година како железничка станица. Во земјотресот била тешко оштетена, а дел од објектот бил урнат.
Музејот бил сместен во зачуваниот дел од Старата железничка станица во 1971 година, кога зградата добила и статус на заштитен споменик на културата.
Ова не е првпат да се наруши положбата на стрелките
Ова не е првпат да се забележи промена на положбата на стрелките на часовникот.
Во јули 2018 година било забележано дека тие, наместо 5:17, покажуваат 6:17 часот. Тогаш екипи на Град Скопје најавиле дека стрелките ќе бидат вратени во првобитната положба.
Во тој период било наведено дека поместувањето можеби било последица на земјотрес регистриран две години претходно.
Невремето оштети возила, покриви и јавни објекти
Невремето на 21 јули беше краткотрајно, но исклучително интензивно. Поројниот дожд, грмежите и силните налети на ветер за неколку минути предизвикаа штети во повеќе делови од Скопје.
Според пријавите евидентирани од Министерството за внатрешни работи, биле оштетени 117 возила и 35 покриви, паднале 189 дрвја и седум семафори, а биле пријавени и пет пожари.
Повредени биле 15 лица.
Оштетувања биле пријавени и на објектите на Основното јавно обвинителство, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, комплексот „Вила Водно“, полициската база во Петровец и поранешната зграда на „Нова Македонија“.