Невреме го парализира Јадранот: Спасени тројца туристи, десетици јахти и чамци завршија на брегот

За поголемиот дел од насуканите пловила веќе е организирана помош за нивно извлекување, додека за останатите ќе се погрижат нивните сопственици и компаниите што ги изнајмуваат.

Тројца австриски државјани беа спасени рано утрово на околу 12 наутички милји јужно од Ртот Камењак, откако нивната едрилица претрпела хаварија во силното невреме што го зафати Јадранот.

Според хрватското Министерство за море, сообраќај и инфраструктура, Националниот центар за трагање и спасување на море (MRCC Риека) примил повик за помош во 4:44 часот. Поради исклучително лошите временски услови комуникацијата со екипажот била отежната, но по координирана акција со Капетанијата на пристаништето Пула, поморската полиција и крајбрежната стража, тројцата морепловци биле пронајдени во 6:48 часот.

Тие биле неповредени и се наоѓале на спасувачки сплав покрај нивната оштетена едрилица. По спасувањето биле пренесени во Пула, додека пловилото останало на местото на несреќата сè до неговото извлекување во безбедно пристаниште, каде ќе биде извршен увид за причините за хаваријата.

Во исто време, силниот фронт проследен со бурен ветер предизвикал хаос и во подрачјето на островите Уније, Сусак и Мали Лошињ. Десетици чамци и јахти биле насукани или исфрлени на брегот од силните бранови. Надлежните служби извршиле увид на погодените локации и соопштија дека нема повредени лица ниту загадување на морето, но е регистрирана значителна материјална штета на пловилата.

За поголемиот дел од насуканите пловила веќе е организирана помош за нивно извлекување, додека за останатите ќе се погрижат нивните сопственици и компаниите што ги изнајмуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс