Невреме го потопи Скопје: Пороен дожд, ветер и град, активиран Кризниот штаб

Силно невреме со пороен дожд, ветер и град го погоди Скопје. Поплавени улици, отежнат сообраќај, а Кризниот штаб на Град Скопје е целосно мобилизиран.

Силно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и град попладнево го зафати Скопје, предизвикувајќи поплавени улици и сериозни проблеми во сообраќајот низ повеќе делови од градот.За кратко време падна голема количина дожд, поради што на повеќе локации се создадоа големи наслаги вода. Возилата се движеа отежнато, а пешаците се соочија со поплавени тротоари и коловози. Покрај обилните врнежи, невремето беше проследено и со силен ветер, а во некои делови од градот падна и град, што дополнително ја влоши состојбата.

Од Град Скопје соопштија дека Кризниот штаб е целосно активиран, а сите надлежни служби се на терен и подготвени да интервенираат доколку има поплави, штети или потреба од итна помош. Според градските власти, во тек е постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада и останатите институции, со цел навремено справување со последиците од невремето.

Од Градот апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат непотребни движења за време на невремето и да ги следат препораките на надлежните служби. Засега нема официјални информации за потешки материјални штети или повредени лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс