Невкус или тренд – Германци создадоа видео игра со војната во Украина

Германска компанија креираше видео игра „Death From Above“, базирана на војната во Украина. Играта, која симулира напади со дронови беше пуштена во претпродажба на Steam минатата недела.

Дури и пред објавувањето на играта, имаше дискусија за етиката на таквата игра со оглед на на тоа што војната во Укрина се уште е разгорена. Некои ваквата ситуација ја сметаат за невкусна, додека други го пофалија сатиричниот пристап, па дури и ја споредија играта со филмовите на Чарли Чаплин, односно пародијата на Чаплин на Хитлер објавена во 1940 година – „Големиот диктатор“.

„Тоа е пропагандна игра“, вели Хендрик Лесер, гејмер и сопственик на минхенската компанија Remote Control Productions, која обединува повеќе од десетина помали гејмерски компании во шест земји. Неговата компанија ја разви „Death From Above“.

„Намерно направивме едноставна игра што секој може да ја игра и во која заземаме јасна позиција“, рече Лесер. „До одреден степен се занимаваме со темата хумористично“

Што е всушнпст играта? Играчот ја презема улогата на украински војник кој управува со беспилотно летало, ги бомбардира руските воени машини и ловци и на крајот ја обновува радио комуникацијата.

Првата верзија на играта е двојазична и е достапна на англиски и украински. Глумиш украински војник 90 минути и фрлаш бомби врз руските тенкови означени со буквите „V“ и „Z“, но и врз луѓето наречени „руски окупаторски сили“.

Дејството се одвива на измислени локации. Играта е исполнета со украински симболи. Има поле со сончоглед и дронот остава трага во боите на украинското знаме.

Има и многу од она што Лесер го нарекува „хумор“, на пример меме на „Светата Џавелина“, како што се нарекува американското противтенковско оружје Џавелин во Украина, или постер за потера издаден Меѓународниот кривичен суд со ликот на Рускиот претседател Владимир Путин.

Инвеститорот ја гледа неговата игра како дел од таканаречената традиција NAFO, проукраинска интернет заедница која се бори против руската пропаганда на интернет и е позната по своите вирални мемиња. Акронимот е кратенка за „North Atlantic Fellas Organization“ и е асоцијација на илјадници интернет корисници ширум светот.

Украинците исто така соработуваа во креирањето на играта. Најпознат соработник е бендот Antytila (украински за антитела), чии воени песни како „Тврдината Бахмут“ се многу популарни во Украина. Во мај 2022 година, бендот настапи во метрото во Киев со ирските рок U2.

За играта Antytila ја напишаа песната „Мојот сокол“ – тоа е името на украинската верзија на играта. Пејачот Тарас Тополија за DW вели дека најважно им е играта да генерира донации за украинската армија.

Инвеститорот ветува дека првично ќе донира 30% од профитот, а потоа откако ќе ги поврати нивните трошоци, дури 70% од профитот, на две украински иницијативи кои обезбедуваат „невоена помош“ на украинската армија. Станува збор за иницијативи за украинската фондација „Вратете се живи“ и проектот „Армија на беспилотни летала“.

Лесер рече дека добил уверување дека парите ќе бидат искористени за купување извиднички дронови, но не и борбени беспилотни летала. Но, тој призна дека не може да биде целосно сигурен во тоа.

„Можеби е малку невкусно да се прикаже тековната војна во релативно тривијална игра“, изјави за DW, Бенџамин Штробел, германски психолог кој се фокусира на дигиталните игри. „Death From Above“, исто така, може да биде обвинета и за мешање политички активизам со економски интереси, смета тој.

Сепак, Штробел ги пофали програмерите што отворено тврдеа дека се впуштаат во про-украинска пропаганда и ја смета играта за дел од информативната војна што беснее околу конфликтот во Европа.

„Ние како општество треба да одговориме на прашањето дали сакаме да бидеме дел од оваа информативна војна“, рече тој.

„Ако играта ја одразува ситуацијата на бојното поле, каде што војската се бори против војската, тоа е оправдано“, рече Дијана Дуцик, шеф на украинскиот институт за медиуми и комуникации и член на Комисијата за новинарска етика на Украина.

Сепак, таа би била вознемирена „ако играта предизвика насилство врз цивилите на етничка основа“, рече таа. „Тоа би било исто толку лошо како и повиците на руската телевизија да убиваат Украинци“.

Пејачот од Antytila, Тополија, смета дека дискусијата за етиката е нешто што најдобро е да им се остави на оние кои не се вклучени во војната. Тој и неговите колеги од бендот се бореа во територијалната одбрана на Украина во првите месеци од војната. „Во нашиот баталјон 45 деца останаа без татковци“, рече тој.

Тополија рече дека е сигурен дека играта „ќе ги инспирира луѓето да донираат [пари] за беспилотни летала“ и можеби ќе мотивира некои „да се приклучат на армијата и да научат воздушно извидување“.

Во меѓувреме, креаторот на игри Лесер сака дополнително да ја развива играта. Тој би сакал на крајот да може да се игра во парови. Неговата главна мотивација, вели тој, е желбата да се „возврати“, дури и ако тоа не е на вистинско бојно поле.

Извор: DW

е-Трн да боцка во твојот инбокс