Нетанјаху нема мнозинство. Може ли сепак да остане на власт?

Привремените резултати од изборите во Израел покажуваат дека блокот на премиерот е далеку од парламентарно мнозинство. Следуваат тешки коалициски преговори, а можна е и малцинска влада или нови избори.

Предноста на опозицискиот блок, која ја покажуваа излезните анкети по затворањето на избирачките места во Израел, исчезна. Според привремените резултати, по пребројувањето на 57,3 отсто од гласачките ливчиња, партиите што го поддржуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху имаат 55 пратенички места, опозицискиот блок 49, а арапските партии 16. За мнозинство во Кнесетот, израелскиот парламент со 120 пратеници, потребни се 61 место.

Израелските телевизиски станици проценија дека двата блока би можеле да освојат по околу 51 пратеничко место, што е значително помалку од потребното мнозинство. Излезните анкети покажаа и значителен раст на поддршката за арапските партии, кои заедно би можеле да освојат 17 или 18 места.

Што следува по изборите?

Досега ниту една партија или политички блок не обезбедил 61 пратеничко место, неопходно за формирање влада. Затоа партиите ќе мора да преговараат и да се обидат да состават коалиција. Претседателот Исак Херцог ќе го избере кандидатот за кој ќе процени дека има најголеми шанси да формира влада. Тоа не мора да биде лидерот на партијата со најмногу освоени места.

Бидејќи двата блока се далеку од мнозинството, преговорите би можеле да траат со недели.

Формирањето коалиција во Израел традиционално е тешко, бидејќи поголемите партии најчесто одбиваат соработка со арапските партии. Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека Гади Ајзенкот би можел да започне разговори со нив, особено по значителниот раст на нивната поддршка на изборите.

Раам (Обединетата арапска листа) би можела да стане клучна за формирањето влада доколку Нетанјаху не успее да обезбеди доволна поддршка за да започне коалициски преговори. Нејзиниот лидер, Мансур Абас, веќе учествуваше во влада на десниот центар.

Блокот на Ајзенкот за време на кампањата се држеше на дистанца од Раам, сметајќи дека поддршката од оваа партија би можела да му наштети. Ајзенкот претходно изјави дека арапските партии не ги исполнуваат ционистичките критериуми за учество во власта.

Нетанјаху, од друга страна, нема очигледен начин да обезбеди дополнителни пратенички места, освен ако некои пратеници од други партии не преминат во неговиот табор. Обраќајќи им се на поддржувачите рано утринава, Нетанјаху порача дека не смее да се формира влада што би зависела од поддршката на палестинските партии.

Коалициските преговори би можеле да бидат долги, а владата што евентуално ќе произлезе од нив и нестабилна. По претходните избори, одржани во ноември 2022 година, на Нетанјаху му беа потребни 58 дена за да формира влада.

Малцинска влада како можност

Ако ниту еден блок не освои 61 место, кандидатот за премиер би можел да се обиде да управува без парламентарно мнозинство, потпирајќи се на повремена поддршка од пратеници од други партии. Во такво сценарио, пратениците од палестинските партии, чија застапеност во Кнесетот би можела да порасне, би можеле да имаат клучна улога.

Заедничката листа, сојуз на повеќе израелски арапски партии, соопшти дека најверојатно нема директно да влезе во владата. Сепак, понуди поддршка однадвор за секој што би успеал да го смени Нетанјаху. Таквата поддршка би можела да биде важна при гласањата во парламентот, но не би гарантирала стабилно мнозинство за владата.

Влада на национално единство?

На прв поглед, ова сценарио изгледа малку веројатно. Сепак, израелските политички коментатори во последните недели ја разгледуваа можноста за влада на национално единство. Во таков случај, Нетанјаху би се откажал од соработката со екстремно десничарските и ултраортодоксните партии и би се здружил со Ајзенкот, со кого дели повеќе ставови за безбедносните прашања.

Амит Сегал, главен политички аналитичар на телевизијата Канал 12 и новинар за кој се смета дека е близок до Нетанјаху, изјави дека пораката на премиерот оти „ционистичкото мнозинство мора да се вразуми и да се обедини“ би можела да се протолкува како подадена рака кон Ајзенкот.

За ваков договор постои и понов преседан. Во 2020 година Нетанјаху и Бени Ганц, пензиониран генерал кој, слично како Ајзенкот, се обраќаше на гласачите од центарот, договорија поделба на власта.

Нивното партнерство се распадна по една година, што доведе до нови избори. И во сегашните околности, владата на национално единство би се соочила со силен отпор од двете страни, особено од опозицискиот блок. Опозицијата ја засноваше кампањата врз ветувањето дека ќе го смени Нетанјаху, кого го претставуваше како човек што не е способен да ја води земјата.

Дали Израел повторно ќе оди на избори?

Ако ниту еден кандидат не успее да формира влада, Израел ќе мора повторно да одржи избори. Поради неможноста на политичките партии да состават стабилна коалиција, земјата од 2019 до 2022 година одржа пет изборни циклуси.


Дури и ако новите избори станат извесна можност, тие најверојатно нема да се одржат во следните неколку недели. Кандидатот што ќе го избере претседателот има 28 дена да состави коалиција, со можност рокот да биде продолжен за уште две недели. Дотогаш, исходот ќе зависи од тоа дали Нетанјаху или неговите противници ќе успеат да обезбедат поддршка од партии и пратеници надвор од сопствените блокови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс