Веб-страницата на Федералната изборна комисија на САД (ФЕЦ) била цел на хакерски напад, поради што престанал да работи системот за електронско поднесување извештаи, само една недела пред изборите за американскиот Конгрес, закажани за 3 ноември.
Информацијата за нападот била откриена во електронска порака што службеник на комисијата ја испратил до компании кои го следат финансирањето на политичките кампањи, а до која дошол „Ројтерс“.
„Електронскиот систем на ФЕЦ за поднесување извештаи моментално не е во функција, а нашиот ИТ-персонал активно работи на повторно воспоставување на услугата“, соопшти комисијата.
ФЕЦ го надгледува трошењето на кандидатите и политичките комитети. Од институцијата наведоа дека корисниците и понатаму можат да пристапуваат до веб-страницата и да ги прегледуваат претходно поднесените извештаи. Системот за поднесување нови извештаи не работи од понеделникот околу 22 часот по локално американско време.
Проблемот е идентификуван, но системот сè уште не работи
Во вторникот околу 20 часот по американско време, односно во средата во еден часот по полноќ по македонско време, ФЕЦ објави ново известување дека „проблемот е идентификуван и дека се спроведува решение“.
Сепак, на веб-страницата на комисијата и понатаму стоело известувањето дека системот не е во функција.
Прекинот не би требало да влијае врз самото гласање, бидејќи ФЕЦ не е надлежна за спроведување на изборите. На изборите на 3 ноември ќе се одлучува дали републиканците ќе го задржат мнозинството во американскиот Конгрес во следните две години од претседателскиот мандат на Доналд Трамп.
Проблемот, сепак, е што политичките организации поради прекинот не можат да ги поднесат задолжителните извештаи за своите трошоци. Тие мора да се доставуваат во рок од 24 или 48 часа и покажуваат колку политичките групи и другите учесници трошат во конкретните изборни трки.
„Ова не сум го видел во 26 години“, изјави Стивен Меле, претседател и извршен директор на консултантската компанија „МБА консалтинг груп“, која се занимава со усогласеноста со прописите за финансирање на политичките кампањи.
Се бараат одговори за нападот
Проблемите започнале доцна завчера вечерта, кога лицата задолжени за финансирањето на кампањите не можеле да ги поднесат задолжителните извештаи. По ова, ФЕЦ објавила известување на својата веб-страница.
„Имаме злонамерен актер кој се обидува да упадне во системите на ФЕЦ. Поради тоа моравме привремено да ги исклучиме нашите јавни интернет-услуги“, напишал истата вечер службеник на комисијата задолжен за електронското поднесување извештаи.
Електронската порака била испратена до неколку компании што проверуваат дали политичките кампањи ги почитуваат прописите за финансирање.
Американската Агенција за сајбер-безбедност и безбедност на инфраструктурата (ЦИСА), како и Федералното истражно биро (ФБИ), побарале информации од ФЕЦ.
Засега не се објавени дополнителни детали за тоа кој стои зад нападот и какви биле неговите цели.
