Силен циклон ја погоди Индија: Речиси 100.000 луѓе мора да ги напуштат домовите

Циклонот „Арнаб“ донесе силни ветрови и обилни врнежи на југоисточниот брег на Индија. Властите отворија повеќе од 2.000 засолништа и предупредуваат на поплави и голема материјална штета.

Силен циклон го погоди југоисточниот брег на Индија, носејќи бурни ветрови и обилни дождови. Поради невремето, властите наредија евакуација на речиси 100.000 луѓе од нивните домови во две индиски сојузни држави.

Циклонот „Арнаб“ зајакнал доцна синоќа, достигнувајќи ја категоријата многу силна циклонска бура. Индискиот метеоролошки завод соопшти дека невремето стигнало до брегот на сојузната држава Андра Прадеш, со ветрови со брзина од 125 до 135 километри на час и најсилни налети до 150 километри на час.

„Многу силната циклонска бура Арнаб и понатаму дејствува над копното“, соопшти метеоролошкиот завод, наведувајќи дека невремето го зафаќа крајбрежјето меѓу градовите Бапатла и Висахапатнам, пренесува „Еуроњуз“.

Речиси 100.000 луѓе се евакуираат

Пред доаѓањето на циклонот, властите им наредија на илјадници жители на сојузните држави Андра Прадеш и Одиша да се оддалечат од брегот или да побараат засолниште. Метеоролошки предупредувања издадоа и Шри Ланка и Непал.

„Заштитата на секој човечки живот е наш најважен приоритет“, изјави премиерот на сојузната држава Андра Прадеш, Нара Чандрабабу Наиду, додека циклонот се приближуваше кон брегот.

Во Андра Прадеш наредба за евакуација добиле околу 50.000 луѓе, а во Одиша уште 48.000. Индискиот метеоролошки завод предупреди дека циклонот може целосно да ги уништи куќите со сламени покриви, да предизвика поплави во одделни подрачја и да урне столбови од електричната и комуникациската мрежа. Се очекува и значителна штета врз земјоделските посеви.

Подготвени повеќе од 2.000 засолништа

Според државната служба за управување со катастрофи, во подрачјето низ кое се очекува да помине циклонот живеат повеќе од 12 милиони луѓе.

Властите подготвиле повеќе од 2.000 засолништа во 20 окрузи, а милиони жители добиваат предупредувања за опасноста преку мобилните телефони. Ова го соопшти Пракар Џаин, раководител на службата за управување со катастрофи во Андра Прадеш.


Покрај евакуацијата на населението, преземени се мерки за заштита на рибарските пловила. Над 30.000 рибарски чамци долж брегот се обезбедени за да се спречи нивно однесување или оштетување од невремето. Во загрозените подрачја распоредени се и речиси 1.100 медицински тимови, кои ќе обезбедуваат итна помош за населението, додаде Џаин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс