Нетанјаху ќе отпатува во Њујорк за да учествува на Генералното собрание на ОН, Мамдани со апел за негово апсење

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека во септември ќе отпатува во Њујорк за да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, и покрај повиците на градоначалникот Зохран Мамдани да биде спроведен налогот за негово апсење што го издаде Меѓународниот кривичен суд.

Во интервју за американската телевизија Фокс њуз, Нетанјаху изјави дека „сигурно ќе оди во Њујорк“ и дека ќе „ја каже вистината пред избран функционер кој шири омраза“. Тој го обвини Мамдани дека поттикнува поделби меѓу жителите на градот и дека ја насочува омразата кон еврејската заедница, повлекувајќи паралела со прогоните на Евреите во Европа во 1930-тите години.

Контроверзиите следуваат откако Мамдани минатата недела го нарече Нетанјаху „воен злосторник“ и побара американските власти да го спроведат налогот за апсење доколку израелскиот премиер пристигне во Соединетите Американски Држави. Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Нетанјаху нема да биде уапсен за време на посетата.

Меѓународниот кривичен суд во ноември 2024 година издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Појасот Газа.

Нетанјаху се осврна и на средбата со Трамп во Белата куќа, оценувајќи ја како „една од најдобрите досега“. Тој нагласи дека со американскиот претседател имаат заедничка цел – да не дозволат Иран да дојде до нуклеарно оружје и ги отфрли тврдењата дека постојат сериозни несогласувања меѓу нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс