Search

Нееднакви меѓу еднаквите

„Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.“ – член 9, Устав на Република Северна Македонија.

Кога го читам пропишаното во Уставот, си велам, ова се стандарди кои државата несомнено треба да ни ги гарантира нам, како нејзини граѓани. Принципот на еднаквост е тука да ни покаже дека сите ние сме рамноправни во уживањето на основните права и слободи, без да нè ограничи поради нашите лични карактеристики. Но, колку овој принцип се применува во пракса?

Еве, да си замислиме едно вакво сценарио: моментално си во осмиот месец од бременоста. Досега контролите покажуваат дека сè е во ред, но одеднаш чувствуваш мачнини и голема малаксаност, па одлучуваш да се упатиш во болницата каде што ја водиш својата бременост. Пристигнуваш со мака и тешкотија, и гледаш дека пред тебе докторот има за прием две пациентки со породилни болки, а во меѓувреме пристигнуваат уште две кои ниту се бремени, ниту имаат упат. Па, седнуваш и чекаш да ти дојде редот, секако, давајќи им предност на жените кои се пред породување. Кога доаѓа твојот ред, докторот сепак одлучува дека нема да те прими, иако е запознаен со твојата здравствена состојба. Повторно чекаш. Влегува една пациентка на преглед, влегува и друга, трета… а ти сè уште чекаш и се прашуваш дали ќе дојдеш и ти на ред. Е сега, бидејќи се побуни за третманот со кој се соочи, докторот одлучи дека ќе те остави да чекаш да те прегледа специјализант, а кога повторно влезе кај него за да ти го потпише извештајот, тој те испрати со зборовите „Мрш стоко, излези надвор!“.

Кога прв пат ја слушнав оваа животна приказна, си реков, сигурно во оваа сложувалка нешто недостига, не е возможно да се нашла бремена жена со мака во ваква ситуација. Многу набрзо го најдов делчето што недостигаше – жената е Ромка. Па, како да ѝ кажам на оваа Ромка дека според Уставот сите граѓани се еднакви и дека според закон сите здравствени услуги (треба да) се достапни за сите пациенти, еднакво и без дискриминација?

Во глава ми поминаа многу мисли и прашања. Со оглед на загрижувачкиот број на малолетнички бремености во нашата држава, си помислив, кој знае колкав е бројот на Ромките кои не сакаат да имаат деца, барем не на таа возраст, но на кои традицијата им налага да создадат многудетно семејство – бидејќи само така ќе може да се сметаат за успешни! Колкав ли е, пак, бројот на Ромки кои речиси никогаш не слушнале за контрацептивни средства, или пак, на оние кои знаат што е контрацепција, но кои поради стигмата мислат дека ако некогаш ја употребат, тогаш тоа значи дека прават нешто лошо или забрането и дека не си ги сакаат децата или партнерот?

Ако државата е таа која треба да ни ги гарантира правата, тогаш таа треба да биде и главниот едукатор за нив. Државата е таа која преку своите механизми треба на сите нас, вклучително и на Ромките, да ни укаже на можностите за спречување непланирана бременост, наместо од година во година сè повеќе да ги крати буџетите за контрацептивни средства. Државата е таа што треба да го најде соодветниот начин за да ѝ даде до знаење на Ромката дека ако мажот е „главата“ на семејството и единствениот кој придонесува во семејниот буџет, тогаш многу тешко ќе може таа да излезе од кругот на насилството во домот. Државата е таа што треба да ѝ укаже дека и Ромките имаат еднакви можности за вработување како и сите останати етнички заедници и дека и тие можат да стекнат економска независност.

Честопати се соочувам со луѓе кои мислат дека случаите како овој со бремената Ромка се изолирани, бидејќи во денешново модерно време, секој од нас има пристап до информации и може да го дознае одговорот на секое прашање. Но, исто толку пати се среќавам и со Ромки кои живеат на маргините на општеството и кои се соочуваат со низа бариери кога сакаат да преминат на „оваа страна“ од општеството, каде што вакви прекршувања на правата се онолку незамисливи колку што и брзо се релативизираат и забораваат. Ромки кои секојдневно се жртви на институционална дискриминација, општествена стигма и предрасуди, оставени на милоста и немилоста на штетните традиции пред кои дури и државата ведне глава. Ако правото ни покажува дека државните органи се слика на институцијата држава, тогаш кога се Ромките во прашање, државата дефинитивно – и упорно! – потфрла.

Па, важи ли принципот на еднаквост за сите или сепак некој е помалку еднаков меѓу еднаквите? Се разбира, ова прашање одамна е реторичко, а паролата дека ова општество е општество за сите – празна флоскула. Уважувањето на искуствата на Ромките – и на сите останати што преживуваат на маргините на општеството – е првиот чекор кон градење држава во која сите граѓани ќе бидат граѓани, онака како што предвидува Уставот.

Авторката е правничка и проектна координаторка во ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни