Не можете да заспиете поради тропските ноќи? Неколку едноставни трикови што помагаат

Тропските ноќи го нарушуваат сонот? Експертка открива како полесно да заспиете за време на топлотен бран – од постелнината до туширањето пред спиење.

Топлотниот бран што ја зафати Европа донесе и таканаречени тропски ноќи, периоди кога температурите остануваат високи и по зајдисонце, што го прави спиењето исклучително тешко. Според Холи Ларџ, експертка по медицинска биохемија од Универзитетот во Лестер, постојат неколку едноставни навики кои можат значително да го подобрат квалитетот на сонот во вакви услови.

Избегнувајте попладневно дремење

Иако жештините често предизвикуваат замор и поспаност, дремката во текот на денот може да го наруши вечерниот сон. Телото во услови на високи температури троши повеќе енергија за да ја одржи нормалната телесна температура, што го забрзува срцевиот ритам и метаболизмот. Поради тоа, попладневното спиење може дополнително да ве остави без квалитетен ноќен одмор.

Одржувајте ја спалната соба што е можно поладна

Не секој има клима-уред, но постојат и бесплатни начини за разладување на просторијата.

Експертката советува: држете ги ролетните и завесите затворени преку ден, не ги отворајте прозорците додека надвор е потопло отколку внатре, проветрете ја просторијата доцна навечер или рано наутро кога воздухот ќе се разлади.

Пониската температура му помага на организмот полесно да премине во состојба на сон.

Изберете лесна постелнина

Во летните горештини најдобар избор се чаршафи и навлаки од природни материјали, како памук или лен, бидејќи овозможуваат подобра циркулација на воздухот. Еден необичен трик е постелнината кратко време да се стави во замрзнувач, претходно спакувана во пластична кеса. Така ќе биде пријатно ладна кога ќе легнете

Иако звучи логично, многу ладниот туш може да има спротивен ефект. Ледената вода ги стеснува крвните садови, процес познат како вазоконстрикција – со што телото задржува повеќе топлина. Наместо тоа, се препорачува млак туш, кој постепено ја намалува телесната температура и го подготвува организмот за полесно заспивање.

Во периоди на екстремни горештини, експертите советуваат и доволна хидратација, лесна вечера и избегнување алкохол и кофеин непосредно пред спиење, бидејќи и тие можат дополнително да го нарушат квалитетот на сонот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс