„Не денес“ – монодрама на Марјан Георгиевски

Монодрамата на Георгиевски носи силна освестувачка и мотивиркачка порака, длабока емоција и освестување за важноста од личното постапување

Актерот Марјан Георгиевски на 8 јуни, во 20 часот во „Паблик рум“ ја кани публиката да ја погледне неговата монодрама насловена „Не денес“.

Монодрамата носи силна освестувачка и мотивиркачка порака, длабока емоција и освестување за важноста од личното постапување.

„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации“, нагласува актерот Георгиевски.

Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секој поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.

„Битола е наш град, тука растат нашите деца, а ние забораваме дека имаме моќ да направиме промени. Секој збор, секоја постапка во правилна насока ќе ни донесе подобра иднина, но ние мора да се избориме за истата. Дијалогот меѓу „мене и моето срце“ е за да го разбудиме во нас „заспаното“, односно да се потсетиме „кои сме и колку можеме“, нагласи Георгиевски.

Еко-свест кој долги години работи на овие теми, ја препозна важноста од поддржување на вакви настани, кој ќе ја доближат проблематиката до пошироката публика.
„Уметноста од овој тип претставува вистински одраз на општеството. Оваа монодрама е инспирирана од случувањата во реалноста и сака да ги поттикне граѓаните дека не треба да бидат само неми сведоци на загадувањето. Горди сме што ние како организација придонесуваме кон културниот пејсаж во земјата и градењето на активно граѓанство“, истакна  од Жарко Конески од „Еко-свест“, Центарот кој ја спроведе иницијативата.

Монодрамата освен во Скопје каде ќе се одигра на 8 јуни, ќе биде одиграна и во Струмица, во Младинскиот културен центар, на 9 јуни со почеток во 20 часот.

Влезот за монодрамата „Не денес“ е бесплатен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс