Ветувањата за вештачката интелигенција најчесто се високопарни, како на пример дека можете да ја користите како ваш втор мозок, за откривање нови закони во физиката или за да станете генијалец во некоја област. Но, реалноста на терен покажува дека многумина ги отфрлаат овие претензии и едноставно ја користат за генерирање огромни количини специфична и бизарна фикција. Ова случајно го открија група истражувачи од Универзитетот во Вашингтон и Универзитетот во Колорадо Болдер, кои останале вчудовидени од податоците додека ја анализирале базата на разговори.
Анализирајќи сет од податоци кој содржи милиони анонимни разговори со постара верзија на ЧетГПТ (ChatGPT), академиците наишле на корисник кој слободно може да се нарече крал на опсесивното користење на вештачката интелигенција. Станува збор за анонимен профил кој поминал месеци користејќи го четботот на ОпенАИ за да генерира живописни детали и специфични приказни за ликови од популарни визуелни новели. Со ова, тој ја заработи титулата за најпродуктивен корисник во базата на податоци за фикција и стана најјасен пример за она што истражувачите го нарекуваат корисник кој бара бескрајни приказни.
Иако самата содржина на приказните е екстремна, студијата нуди фасцинантен увид во тоа како луѓето навистина ја користат вештачката интелигенција за пишување. Фикцијата сочинувала повеќе од една третина од сите разговори во базата, а речиси половина од нив биле приказни инспирирани од веќе постоечки дела. Истражувачите откриле дека само два проценти од таканаречените моќни корисници се одговорни за повеќе од осумдесет проценти од сите разговори во категоријата фикција. Овие луѓе едноставно уживаат во читањето на бесконечни пермутации на една иста приказна, каде што ниту еден крај не се повторува двапати.