НАТО ја активираше мисијата над Балтикот: Фон дер Лајен итно патува во Литванија по серијата дрон-инциденти

По серијата инциденти со дронови во балтичките земји, НАТО ја активираше мисијата за воздушен надзор над Балтикот. Урсула фон дер Лајен во вторник патува во Литванија на разговори за безбедноста и одбраната.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, во вторник ќе отпатува во Литванија по серијата инциденти со дронови во балтичките држави, поради кои граѓаните беа предупредени да побараат засолниште во подруми и засолништа.

Според „Политико“, Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерите на балтичките земји за координација на одговорот на безбедносните закани. Во Литванија ќе отпатува и европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус.

Тројца официјални претставници запознаени со посетата изјавиле дека разговорите ќе бидат насочени кон зајакнување на заедничките одбранбени капацитети преку европски програми за финансирање и воено планирање.

Литванија прогласи воздушна тревога

Литванските власти во средата прогласија воздушна тревога откако дрон бил забележан во близина на границата со Белорусија. Поради инцидентот била активирана и мисијата на НАТО за надзор на воздушниот простор над Балтикот. Инцидентот следува по случајот од почетокот на месецот кога два украински дрона, наменети за напади врз Русија, паднале врз празен нафтен склад во Латвија, предизвикувајќи политичка криза и пад на владејачката коалиција.

Минатата недела, борбен авион на НАТО соборил дрон во воздушниот простор на Естонија.

„Јавните руски закани кон нашите балтички држави се целосно неприфатливи“, порача Фон дер Лајен минатата недела на социјалните мрежи.

„Русија и Белорусија носат директна одговорност за дроновите кои ги загрозуваат животите и безбедноста на луѓето на нашето источно крило. Европа ќе одговори со единство и сила“, додаде таа.

Балтичките држави ја обвинуваат Москва за дезинформации

Трите балтички земји предупредија дека Москва се обидува да ги искористи инцидентите за да создаде раздор меѓу Украина и нејзините европски сојузници. Во заедничко соопштение тие ја отфрлија „руската отворена кампања на дезинформации и измислени обвинувања по нарушувањето на воздушниот простор“, оценувајќи дека Москва на тој начин се обидува да ги прикрие сопствените воени неуспеси.

Европска Унија во февруари започна план за зајакнување на државите на источниот фронт поради стравувањата дека руската војна против Украина и хибридните операции би можеле да ја дестабилизираат безбедноста и економијата на регионот. Европската комисија паралелно работи и на планови за заедничка набавка и развој на системи за противвоздушна одбрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс