Политичките поделби, а не безбедносен вакуум, во моментов се најголемата закана за стабилноста на Босна и Херцеговина, изјави американскиот генерал Метју Валас, командант на Штабот на НАТО во Сараево, во интервју за „Ослобоѓење“. Тој порача дека Алијансата останува подготвена да го зачува мирот во земјата и внимателно ја следи состојбата, особено по посетата на претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмиралот Џузепе Каво Драгоне, на БиХ.
Валас потсети дека НАТО повеќе од 30 години има улога во зачувувањето на мирот во БиХ, а иако од 2004 година воениот дел од мировната мисија го презеде Европската Унија преку ЕУФОР и операцијата Алтеа, Алијансата и натаму има важна воено-политичка улога во земјата. Тој нагласи дека НАТО е подготвен да реагира доколку има потреба, но без да открива оперативни детали.
Според него, соработката меѓу НАТО и ЕУФОР преку аранжманот „Берлин плус“ од 2002 година и натаму функционира во полн капацитет. Тоа значи дека ЕУФОР во својата мировна мисија во БиХ и понатаму се потпира на експертизата, планирањето и дел од капацитетите на НАТО за да обезбеди сигурна и стабилна средина.
Генералот оцени дека најголемата закана за напредокот и безбедноста во БиХ доаѓа од политиките засновани на страв и етнонационализам. Сепак, тој нагласи дека станува збор пред сè за политички, а не за класични безбедносни предизвици. Воедно порача дека Алијансата очекува БиХ да ги зголеми издвојувањата за одбрана, кои сега се на ниво од околу еден процент од БДП.
Осврнувајќи се и на поширокиот регион, Валас рече дека НАТО има добра соработка и со Србија и најави заедничка воена вежба во мај на полигонот Боровац, која, според него, ќе се одвива во согласност со политиката на воена неутралност на Белград и треба да придонесе за стабилноста на Западен Балкан.