Патнички брод со 186 патници и 52 члена на екипажот се насука на Дунав во близина на местото Салција во Романија. Бродот, кој пловел под швајцарско знаме, остана заглавен поради исклучително нискиот водостој. Бугарската гранична полиција во вторникот попладне почна да ги евакуира патниците, откако пловилото останало без доволно вода за пиење пред да стигне во пристаништето во Видин.
Бродот „Viking Ullur“ тргнал во понеделникот вечерта од романскиот град Дробета-Турну Северин кон бугарскиот град Видин, каде што требал да се снабди со залихи. Заглавил во средината на Дунав, во област позната по бројните песочни спрудови. Протокот на реката изнесува околу 1.600 кубни метри во секунда, што оневозможило бродот да ја продолжи пловидбата. Обидите за негово ослободување траеле од понеделникот навечер и во вторникот наутро, но биле неуспешни. Претставниците на локалната пристанишна капетанија изјавија дека шансите за ослободување на пловилото се мали.
Бидејќи првичниот план за префрлање на патниците на друго пловило пропаднал затоа што бродот не можел доволно да се приближи, се вклучила бугарската гранична полиција. Патниците биле евакуирани со патролни чамци. Според снимките објавени од полицијата, патниците со спасувачки елеци се префрлаат на безбедно.
Ова не е изолиран инцидент предизвикан од сушата; романските власти неодамна мораа да изгаснат и нуклеарен реактор токму поради критично нискиот водостој на Дунав, што има сериозни последици за целиот регион.