На денешен ден е роден Борко Лазески, пионер на македонската модерна

Од Прилеп до Париз и Мексико: сликарот чиј најголем мурал исчезна во земјотресот, а тој подоцна го пресоздаде во родниот град

Борко Лазески, автор на делото што се смета за прва модерна слика насликана од македонски автор, е роден на 22 октомври 1917 година во Прилеп. Фрескописец, мозаичар, илустратор и автор на витражи, Лазески остави значаен белег во повоено Скопје со своите монументални мурали. Некои од нив денес се уништени, а други сè уште се наоѓаат во згради покрај кои минувачите ретко креваат поглед.

Од прилепските училишни клупи до ателјето на Андре Лот

Талентот на младиот Борко прв го забележал неговиот татко Никола. Основното и средното образование ги завршил во Прилеп, а по поттик на професорот Велебит Рендиќ, во 1933 година заминал на студии по уметност во Белград. Таму, академските правила на реалистичкото сликарство брзо му станале тесни. Го привлекувале модернистичките правци, но и византиското уметничко наследство на неговиот крај спој што ќе го одбележи целото негово творештво.

Во 1941 година ги продолжил студиите на Државната уметничка академија во Софија, но две години подоцна ја напуштил академијата и им се приклучил на партизаните, каде што изработувал скици на борци. По војната, со стипендија од француската влада, од 1945 до 1948 година студирал на Вишата национална школа за убави уметности во Париз (École nationale supérieure des Beaux-Arts). Таму посетувал курс кај кубистот Андре Лот и ја изучувал техниката на витражот.

Во Париз, во 1946 година, ја насликал „Романтичен пејзаж“, дело што во историјата на македонската уметност се смета за првата модерна слика од македонски автор.

Муралот долг 45 метри што го однесе земјотресот

По враќањето во Македонија, Лазески се посветил на создавање дела со монументални димензии. Во Домот на Југословенската народна армија во Скопје ја изработил фреската „Илинден 1903“, а во холот на скопската железничка станица насликал мурал посветен на Народноослободителната војна, долг 45 и висок пет метри. Во тоа време, тој бил најголемиот поединечен мурал во Југославија.

Земјотресот во Скопје во 1963 година го уништил муралот заедно со железничката станица. Лазески подоцна го пресоздал делото во Прилеп, во Домот на културата „Марко Цепенков“. Бидејќи немало доволно голем ѕид за да се постави во целост, го поделил на два дела, поставени над лобијата покрај салата.

Во 1971 година, во касарната во Велес, ја насликал „Сутјеска“, фреска со димензии пет на два и пол метри. Делото и денес е во одлична состојба, но поради тоа што се наоѓа во воен објект, не е достапно за пошироката јавност. Два негови мурала се наоѓаат во музејот во Кичево, а последниот го насликал во Спомен-музејот „11 Октомври“ во Прилеп.

Едно од неговите највидливи, но најмалку познати дела во Скопје е „Епопеја на слободата“ од 1981 година, сместено во централната сала на Телекомуникацискиот центар, познат како Поштата, дело на архитектот Јанко Константинов. Станува збор за пет овални слики, секоја широка по пет метри, со фигури во окер, црвени и кафени тонови. Меѓу нив е и ликот на мајка што го држи своето повредено дете.

Мексико, награди и ново читање на скиците

Во осумдесеттите години од минатиот век, Лазески поминал неколку години во Мексико, земјата во која муралното сликарство доживеало силен развој. Таму изложувал и работел на мурални проекти. Добитник е на сојузната награда „4 Јули“ во 1970 година и на наградата „11 Октомври“ за животно дело во 1978 година. Починал на 16 јуни 1993 година.

Во 2024 година, Музејот на македонската борба за самостојност изложил 24 скици и цртежи поврзани со „Илинден 1903“, овозможувајќи им на посетителите да проследат како настанувал еден монументален мурал од првичната скица до последниот потег.


Најголемиот дел од наследството на Лазески не се наоѓа во галерии, туку на ѕидовите на пошти, касарни и домови на културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс