Маврово повеќе од една деценија чека нов закон за поголема заштита на прородното богатство

Паркот не е „без законска заштита“, но државата со години не ја завршува ревалоризацијата, новото зонирање и планот за управување со едно од највредните природни подрачја во Македонија

Снимка со странски ловџии во Националниот парк „Маврово“, незаконски поставените риболовни мрежи во Мавровското Езеро и најавите за сеча поврзана со малата хидроцентрала „Рибничка“ изгледаат како одделни случаи. Но зад нив стои ист проблем: Маврово со години чека современа правна и управувачка рамка што ќе утврди што смее да се прави во паркот, каде и под кои услови.

Маврово формално не престанало да биде заштитено подрачје. Напротив, Законот за заштита на природата предвидува претходно прогласените заштитени подрачја да продолжат да уживаат заштита.

Проблемот е друг. Државата повеќе од една деценија не ја завршува постапката за ревалоризација и повторно прогласување на паркот, со што би се воспоставиле современи граници, зони и режими на заштита, усогласени со новите научни сознанија и со притисоците врз просторот. Во меѓувреме, во Маврово продолжуваат да се појавуваат случаи што ја отвораат истата дилема: колку е ефикасна заштитата ако правилата според кои се управува со паркот се стари, а новата рамка со години останува во процедура?

Од 1949 година до денес

Националниот парк „Маврово“ е прогласен во 1949 година, а со законските измени од 1952 година неговата површина била зголемена од 11.750 на 73.088 хектари. Во границите биле опфатени и 37 населени места. Надворешните граници во основа се задржани до денес. Според официјалните информации на ЈУ НП „Маврово“, постојното зонирање е изработено во рамките на Просторниот план од 1988 година.

Во 2004 година Македонија донела нов Закон за заштита на природата. Со членот 187 бил утврден рок од шест години за ревалоризација на претходно заштитените подрачја и подготовка на нови акти за нивно прогласување. Рокот одамна поминал. Новиот акт за Маврово не е донесен. Тоа, сепак, не значи дека паркот автоматски ја изгубил заштитата. Членот 184 од Законот предвидува постојните заштитени подрачја да продолжат да уживаат заштита до донесувањето на новите акти.

Токму затоа поимот „правен вакуум“ треба внимателно да се разбере. Станува збор за недовршена институционална и управувачка рамка, а не за тоа дека Маврово е формално избришано од списокот на заштитени подрачја.

Шеснаесет години постапки и најави

Првата студија за ревалоризација на Маврово била изработувана од 2011 до 2013 година. Во февруари 2015 година бил подготвен и предлог-закон за повторно прогласување на паркот. Документот бил објавен на ЕНЕР, но подоцна бил повлечен. Од „Еко-свест“ наведуваат дека не било дадено јавно образложение за повлекувањето. Проблемот продолжил и во следните години.

Во 2021 година, Радио Слободна Европа известуваше за меѓусебно префрлање на одговорноста меѓу институциите. Владата тогаш посочувала дека паркот не доставил усогласен документ за зонирање, додека од НП „Маврово“ тврделе дека предлогот бил изработен уште во 2012 година, но не бил прифатен од Министерството.

На 9 септември 2026 година, 21 граѓанска организација повторно побара итно продолжување на постапката. Меѓу барањата се јавна расправа за предлог-законот, усогласување на зонирањето со научните наоди и мораториум на активности што не се поврзани со заштитата на природата.

Зошто се важни законот, планот и зонирањето?

Современиот национален парк не може да се управува само со општа забрана за уништување на природата. Потребна е прецизна рамка. Новиот акт за прогласување треба да ги утврди границите, зоните, режимите на заштита и начинот на управување.

Потоа следува Планот за управување. Според Законот за заштита на природата, тој треба да ги определи мерките за заштита на живеалиштата, шумите, пределите и природните ресурси. Планот се донесува за период од десет години и се ревидира во зависност од постигнатите резултати.

Потребен е и просторен план, кој треба да покаже каде и под кои услови можат да се развиваат населби, туризам и инфраструктура, а каде човечката активност мора да биде строго ограничена. Без ажурирани документи, секој поголем проект повторно го отвора прашањето: врз основа на кои зони, планови и современи научни податоци се носат одлуките?

„Рибничка“: проектот напредува, заштитата чека

Еден од најконкретните примери е малата хидроцентрала „Рибничка“. Во август „Еко-свест“ предупреди дека се подготвува сеча на шума за потребите на проектот. Директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими, за „Мета“ потврдил дека инвеститорот доставил барање за расчистување на трасата. Тој, сепак, нагласил дека во тој момент дрвјата не биле исечени или маркирани и дека паркот сè уште не побарал согласност од Министерството за земјоделство.

Според неговата изјава, инвеститорот уште пред три години уплатил околу седум милиони денари како компензација за сечата што би била потребна за расчистување на теренот. Тоа само по себе не значи дека дозволата за сеча е издадена.

Но покажува дека подготовките за проектот продолжуваат додека постапката за новата заштитна рамка за Маврово сè уште не е завршена.

Случајот со Маврово е отворен пред Бернската конвенција уште во 2014 година. Во декември 2025 година, нејзиниот Постојан комитет повторно констатирал дека хидроцентралите претставуваат закана и дека нема видлив напредок во спроведувањето на претходните препораки.

Ловот повторно ја отвори истата дилема

Во јавноста дополнително одекна и снимката на која се гледаат странски ловџии во Маврово, придружувани од возило со ознаки на националниот парк. Директорот Ибраими за „360 степени“ изјавил дека станувало збор за санитарен отстрел, одобрен во рамките на Програмата за одгледувачки мерки.

Според него, ловџиите биле членови на шпанско ловно друштво, а примероци од отстреланиот дивеч биле испраќани на ветеринарни испитувања. Од „Еко-свест“ и „Анима мунди“ побарале истрага, објавување на документацијата и утврдување кој го одобрил ловот и под кои услови. Организациите побарале и привремен мораториум на активности додека не се воспостави целосна законска рамка.

Засега нема официјална институционална одлука дека прикажаниот лов бил незаконски. Токму затоа клучното прашање не е само дали ловот бил дозволен, туку и колку се транспарентни програмите, согласностите и критериумите врз основа на кои се користат природните ресурси во паркот.

А потоа дојдоа и мрежите во езерото

Само еден ден по објавувањето на снимките со ловџиите, службите на НП „Маврово“ соопштија дека од Мавровското Езеро отстраниле незаконски поставени риболовни мрежи. Овластените лица го пријавиле случајот во Полициската станица во Маврови Анови, а од паркот најавија продолжување на контролите.

Овој случај покажува дека чуварските служби функционираат и дека во паркот има теренски контроли. Но една акција на езерото не може да го замени долгорочниот систем на управување. Отстранувањето на мрежи, контролите на терен и санкционирањето на поединечни прекршоци се само еден дел од заштитата. Другиот дел се јасни зони, планови, режими и правила што се усогласени со состојбата на природата денес.

Министерството повторно најавува закон

Од Министерството за животна средина за „Телма“ изјавиле дека постапката за повторно прогласување на Маврово треба да биде завршена, со што ќе се исполнат обврските од Законот за заштита на природата и ќе може да се донесе План за управување. Најавена е и јавна расправа. Но засега не е објавен конкретен датум кога предлог-законот ќе биде завршен, кога ќе влезе во владина процедура и кога јавноста ќе може да го разгледа.

Токму тука остануваат најважните прашања: Кога ќе биде завршена ревалоризацијата? Кое зонирање ќе биде основа за идниот режим на заштита? Кога ќе се одржи јавната расправа? Кои правила во меѓувреме се применуваат за лов, сеча, изградба и користење на водите? И кога целата документација ќе биде достапна за јавноста?

Маврово не е само прашање на една сеча или еден лов

Националниот парк „Маврово“ опфаќа повеќе од 73.000 хектари, меѓу Шар Планина, Бистра, Кораб, Дешат и Крчин. Територијата во основа припаѓа на сливот на Радика, а во паркот се наоѓаат бројни водотеци, шуми, населени места и туристички локалитети.

Според официјалните податоци на паркот, на неговата територија се регистрирани 3.757 растителни и животински таксони, меѓу кои и ретки, ранливи и ендемични видови. Затоа прашањето за Маврово не може да се сведе на една риболовна мрежа, еден лов или една хидроцентрала.

Суштинското прашање е дали Македонија има современ и функционален систем со кој долгорочно ќе одлучува што смее да се прави во едно од своите најзначајни заштитени подрачја. Зашто таблата „Национален парк“ сама по себе не е доволна. Заштитата се мери и според тоа колку се јасни правилата, колку се транспарентни одлуките и дали институциите имаат план според кој ќе го чуваат просторот и во следните децении.

е-Трн да боцка во твојот инбокс