Најмалку две лица загинаа, а шест се повредени во големиот ноќен напад со дронови врз Москва и Московската област, соопштија руските власти. При нападот биле оштетени станбени објекти, магацин и постројка во рафинерија за нафта, додека дел од воздушниот сообраќај во московскиот регион бил привремено ограничен.
Според гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, руските сили противвоздушна одбрана собориле 249 дронови. Во неколку станбени објекти избувнале пожари, а оштетен бил и магацин. Воробјов соопшти дека во Софјино загинала 44-годишна жена откако дрон удрил во трикатна станбена зграда. Во истиот објект биле повредени уште пет лица, меѓу кои и две деца.
Уште едно лице, постар маж, загинало во областа Орехово-Зујево, откако бил погоден неговиот приватен дом.
Оштетена и рафинерија во Москва
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека еден од дроновите погодил објект во близина на московски булевар. Тој потврди и дека е оштетен дел од рафинерија за нафта. Собјанин претходно објави дека 152 дрона биле соборени додека се приближувале кон Москва.
Нападот се случува во период кога украинските дронови сè почесто се насочени кон руската енергетска инфраструктура. Во последните недели беа пријавени сериозни оштетувања и прекини во работата на повеќе руски рафинерии, што дополнително го оптоварува домашниот пазар на гориво.
Ограничувања на московските аеродроми
Поради нападот бил ограничен и воздушниот сообраќај. Аеродромот Шереметјево ги предупредил патниците на привремени ограничувања, додека на аеродромот Внуково биле привремено прекинати сите полетувања и слетувања.
На социјалните мрежи се појавија снимки за кои се тврди дека ги прикажуваат експлозиите и пожарите, но нивната автентичност не е независно потврдена.
Жртви и во Украина
Во исто време, украинските власти пријавија жртви во руските напади врз Украина. Во градот Фастив, во Киевската област, загинале мајка и нејзините две мали деца, соопшти локалниот гувернер. При нападот биле оштетени и неколку приватни куќи.
Во североисточната Сумска област, четири лица загинале откако руски дрон погодил автомобил во кој се наоѓале, според локалните власти. Двете страни во последните недели ги интензивираа нападите со дронови и ракети, при што чести цели се енергетски објекти, транспортната инфраструктура и логистички центри. Руските напади врз украинската инфраструктура, како и украинските напади врз руските рафинерии, продолжуваат и покрај претходните повици за запирање на нападите врз енергетските објекти.