Македонија денеска и утре влегува во жолта фаза поради високите температури, а летното време продолжува и во првите денови од септември. Денеска максималните температури ќе достигнат до 37 степени, а топло ќе биде и во среда, иако во наредните денови се очекува поизразена локална нестабилност.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, денеска ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови наместа ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од 14 до 21 степен, додека дневните ќе достигнат од 31 до 37 степени. Во Скопје максималната температура ќе достигне 37 степени.
Во среда и четврток локалната нестабилност ќе се засили. На места се очекува невреме проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а постои и услов за појава на град. Температурите благо ќе се намалат, но времето ќе остане релативно топло за почетокот на септември.
Во петок се очекува постабилно и нешто посвежо време, но засега нема најава за трајно заладување. За време на викендот повторно ќе преовладува сончево и топло време, а според актуелните прогностички модели температурите повторно би можеле да надминат 30 степени. Така, првите денови од септември ќе донесат краткотрајно освежување и локални невремиња, но не и вистински есенски пресврт. Позначително заладување засега не се гледа во краткорочната прогноза.
Долгорочните прогнози укажуваат дека септември би можел да биде потопол од просекот, што значи дека стабилното есенско време најверојатно ќе почека. Сепак, ваквите прогнози се подложни на промени и треба да се следат со новите метеоролошки ажурирања.