Присуството на рускиот министер за финансии Антон Силуанов на состанокот на Г20 во американскиот град Ешвил предизвика остри реакции кај европските членки на групата. Силуанов на состанокот пристигна лично, откако САД, кои годинава претседаваат со Г20, го поканија рускиот претставник. Европските министри за финансии протестираа поради неговото присуство и одбија да учествуваат на традиционалната „семејна фотографија“. На крајот, заедничката фотографија беше направена без Силуанов и без руската делегација.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл изјави дека заедничкото дејствување на европските земји довело до тоа фотографијата да биде направена без рускиот претставник. Според него, присуството на Силуанов на состанокот, за првпат лично по почетокот на руската инвазија врз Украина, може да се толкува како обид за нормализација на односите со Москва.
Клингбајл порача дека не гледа причина за релаксирање на односите со Русија и оцени дека рускиот министер не требало да биде пречекан како „обичен гостин“. Тој, сепак, директно разговарал со Силуанов и, како што рече, му порачал дека руската влада мора да ја прекине војната во Украина.
Германскиот министер истакна дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина, но додаде дека Русија останува членка на Г20 и дека мора да постојат канали за директен дијалог, особено кога преку нив може да се испраќаат јасни политички пораки. Белата куќа, од друга страна, ја брани одлуката да ја покани руската делегација. Портпаролот Куш Десаи изјави дека американската администрација разговара со Москва во обид да се постигне договор што би можел да го прекине крвопролевањето во Украина.
Според него, американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација нема да избегнуваат разговори со претставници на земји со кои, како што оцени, мора да се разговара за да се придвижи мировниот процес. Силуанов последен пат учествуваше на состанок на министрите за финансии на Г20 во април 2022 година, но тогаш се приклучи преку видеоврска. Во знак на протест, повеќе западни министри ја напуштија салата.
Актуелниот состанок во Ешвил е подготовка за самитот на лидерите на Г20, кој треба да се одржи во декември во Мајами. Рускиот претседател Владимир Путин последен пат присуствуваше на ваков меѓународен собир во 2019 година, но неговото евентуално присуство на идниот самит не е исклучено. Трамп уште во април изрази подготвеност за можна посета на Путин и порача дека разговорот со сите страни може да биде корисен.
Дополнителна тензија на состанокот предизвика и ограничувањето на пристапот за новинарите. Неколку претставници на медиумите не добија дозвола да известуваат од местото на одржување, меѓу нив и новинар на „Блумберг“ кој ја придружувал германската делегација, како и новинари на „Њујорк тајмс“.
Германските власти се обиделе дипломатски да интервенираат кај американската администрација. Новинарот на „Њујорк тајмс“ подоцна добил акредитација, но случајот со „Блумберг“ останал нерешен. Клингбајл го оцени ограничувањето на пристапот како неприфатливо и порача дека исклучувањето на новинари или цели редакции не смее да стане практика.
Состанокот на министрите за финансии на Г20 така, наместо само економски теми, беше обележан и со нов судир околу односот кон Русија, улогата на САД и прашањето дали Москва постепено се враќа во форматите на меѓународниот дијалог.