Search

Насилството е нашата друштвена иницијација

Немав намера да бидам дел од океанот гласови кои имаат да кажат нешто мудро во очи на трагедија. Немам што мудро да кажам, болката е преголема. Во очи на трагедија, одеднаш сите знаеме, сите сме знаеле и чувствуваме потреба тоа да го споделиме. Но, попонизно и можеби продуктивно би било да си признаеме дека ние постојано и упорно му дозволуваме на насилството да биде нашиот јазик. Дека и покрај брдото литература, теорија, лично и колективно искуство поврзано со прежувувањето на насилство, ние всушност не знаеме. Да зборуваме за насилството кога тоа преоѓа од преживувано и преживеано искуство во смрт е доцна. Доцна е, а сепак молкот не е опција, зашто токму молкот го репродуцира насилството.

Откако за фактот што дете испука 57 куршуми во училиште, ги обвинивме Западот и технологијата или детето го нарековме монструм и повикавме на уште толку насилство, можеби дојде време да престанеме да зборуваме и да се прошетаме низ нашето минато. Така ќе видиме дека нашата друштвена иницијација несомнено се случила насилно. Дека ако сме имале среќа да растеме во дом каде насилството не ни било абецеда, тоа и те како станало дел од нашиот живот кога сме стапнале во образовно-воспитна институција или сме почнале да се дружиме во маало.

Еве на што се потсетив јас: Во градинка група момчиња се соблекуваат надолу и нè бркаат нас девојчињата; Во градинка за прв пат јадам шамар од воспитувачката, зашто плачам; Играме во зградата од карши и еден чичко од влезот излегува, ја фаќа другарки ми за гуша и ја дави. Другарка ми се помочкува од страв; Во прво одделение соученик се префрлува во друго одделение, зашто другите машки го малтретираат; Од прво до четврто, наставничката ги исмева учениците кои не го знаат одговорот; Неколку мои другарки се подложни на систем на казнување дома ако не добијат петка; Омилена игра ни е „Сакате ли војна“; Друга омилена игра ни е да му маваме заушки на детото што тој период заслужило; Мојот најдобар другар е постојано малтретиран зашто е феминизиран и се дружи со девојчиња. На голем одмор групи машки го покажуваат со прст, навредуваат, буткаат, шуткаат; Некаде на 10 години сум жртва на секојдневен булинг зашто имам огромно дупче од откорната сипаница на брадата; Истовремено, де факто малтретирам други девојчиња и на тој начин се издигнувам повисоко во школската хиерархија, каде силејџиите и насилниците стојат на врвот; Нè испраќаат кај педагогот како казна; Од петто па натаму, еден професор ги удира машките по глава со огромен златен прстен; Друг професор нас девојчињата нè нарекува „пич“; Група машки нè буткаат во ќош и нè допираат по цело тело. Ние вриштиме, тие се смеат…

На 12 години за прв пат во животот се осмелувам да дигнам рака некому. Еден ден уживам слава, следниот ден јадам ќотек назад и генерално се чувствувам мизерно и ја молам мајка ми да не одам во школо. Не се сеќавам како точно се разви оваа прикаска, но се сеќавам на чувствата на изолација, меланхолија и страв кои беа составен дел од растењето и одењето во школо. Чувства, кои неретко се претвораа и во чувства на омраза и лутина кои никој не ни објаснуваше каде и како да ги канализираме.

Во време на зголемена социјална подвоеност, самотност и константна системска негрижа, нашата историја на милитантен мачоизам и традиционалната глорификација (локално и глобално) на фигури кои се отелотворање на законот на тупаницата, ги зема своите жртви. Но иако младите денес имаат еден куп комплесни (нови) предизвици со кои треба да се соочуваат, растењето во култура на насилство не е еден од тие новитети. Аргументот дека изблиците на агресија кои ги сведочиме се резултат на денешницата е тотално отсечен од историскиот факт дека тоа што се случува денес е логичен след на нешто што се случувало вчера. И иако агресијата што ја сведочиме може да изгледа специфична баш за овој историски момент, и де факто не припаѓа на минатото, не си правиме себеси услуга, ако не успееме да го третираме насилството како феномен кој постојано се репродуцира. Наша морална, етичка, и човечка задача е да го уважиме тој континуитет и да бидеме свесни на кој спефичен начин насилството се манифестира денес.

Секоја генерација си има свои планини и секој од нас се бори со своите демони, но колективната десентизација и нашата оперираност од чувствување и сочувствување, допринесува кон радикализација, особено на момчињата, кои оваа култура ги тренира на сурови вредности на преживување небаре растат во дивина. Крикот на немоќта; на неможноста или забраната да се артикулира и доживее комплексноста на човековата емоција, се претвора во спроведување на правда, во потрага по апсолутна моќ и жртви.

За насилството зборуваме многу, но зборовите како да се испразнети од значење, демагошки, морализаторски, исто како и скромните обиди насилството да се превенира. Насилството го третираме како да не е дел од сите нас, од нашите емотивни, животни пејзажи, како да е нешто туѓо, страно и срамно. Како да не сме почувствувале како нè обележува навек и прави нашето тело, ум и емоции да се помалку наши. Убиени и повредени деца од рака на дете во училиште во Белград, не е поголема трагедија од сличен или ист случај во Америка, но нè соочува со вистината дека насилството е тука, во нашиот двор. Дека и ние го трпиме и нанесуваме, исто како и нашите родители и нивните родители. Исто како и нашите деца.

Секое насилство е трагедија и секое насилство го повредува правото на живот. Правото на живот не е само нашето право да бидеме безбедни, згрижени и здрави, туку право да го живееме нашиот полн потенцијал како индивидуи и како заедници. Да го живееме нашиот живот во полн сјај. Тоа е нашата најдлабока и автентична човекова потреба, која не може никако да се отствари во култура на изолација и насилство. Тоа сознание боли и создава бес, лутина и гнев. Понекогаш и смрт. Трагичноста на детската смрт, насилно одземените животи на оние кои уште немале шанса да зачекорат по улицтите на светот е огромна. Толку е голема што за тоа едвај се мисли, а камоли пишува. И никој не може да замисли како овие семејствата ќе продолжат со своите животи. Но, ние отстрана, кои де факто не можеме да ја споделиме (ниту разбереме) болката на оваа загуба, ми се чини страдаме и пред симболичната смрт на идејата за иднината, лишена од вистинска, впрегната, искрена политичка и социјална заложба.

Иднината не може да биде светла, ако на тоа не се работи денес. Всушност, иднината воопшто не може да биде, ако е репродукција на минатото. Носителите на светлото утре растат во систем кој ги убива, и фигуративно и буквално. Сега не можеме да кажеме дека не сме знаеле. Не знам како може да биде подобро, но знам дека мора да може.

Мора да можеме.

Авторката е феминистка, магистер по политички и културолошки науки, уредничка на платформата Медуза.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни