Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека договорот меѓу САД и Иран за ставање крај на конфликтот е сè уште на добар пат за потпишување и покрај нападот на Израел врз Бејрут и најавите на Техеран дека ќе одговори на потегот.
Во интервју за „Аксиос“, Трамп рече дека неговата администрација интензивно работи на зачувување на договорот, за кој рече дека бил доведен во прашање по израелскиот напад врз либанската престолнина.
„Тоа ја потресе ситуацијата. Потпишувањето беше одложено за неколку часа. Требаше да биде завршено досега, а сега е закажано за неколку часа подоцна“, изјави Трамп за „Аксиос“ во телефонски разговор.
Трамп рече дека бил изненаден кога неговите помошници го информирале за израелскиот напад врз Бејрут и дека го изразил своето незадоволство од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху .
Според него, нападот бил извршен непосредно пред планираното склучување на договорот.
Американскиот претседател истакна дека либанското милитантно движење Хезболах било првото што извршило напад врз Израел, но оцени дека нападот не предизвикал штета или човечки жртви.
Трамп рече дека своето незадоволство од израелскиот потег му го пренел директно на Нетанјаху, оценувајќи дека одлуката за напад не била соодветна во околностите во кои се воделе конечните разговори за договорот.
„Зошто Биби ( прекарот на Нетанјаху ) мораше да го изврши тој проклет напад? Бев толку лут. Му реков дека му недостасува мудрост. Го информирав за тоа“, рече Трамп.