Сѐ уште нема пресуда за насилничките од Ѓорче Петров, за родителите продолжува собирањето докази

Постапката против четирите малолетнички осомничени за бруталното малтретирање на 13-годишно девојче во Ѓорче Петров продолжува пред судија за деца. Во меѓувреме, Обвинителството сè уште собира докази во предметот против нивните родители.

Судската постапка против четирите малолетнички осомничени за насилството врз 13-годишното девојче во скопската населба Ѓорче Петров е во тек, но сè уште нема донесено одлука за нивната одговорност. Случајот се води согласно Законот за правда за децата, што предвидува посебна постапка за малолетни сторители.

Основното јавно обвинителство претходно побара поведување подготвителна постапка пред судија за деца, како и изрекување мерки на претпазливост за четирите малолетнички. По завршувањето на оваа фаза, предметот повторно ќе се врати во Обвинителството, кое ќе одлучи дали ќе поднесе предлог за санкции.

Паралелно, продолжува и постапката против родителите на дел од инволвираните малолетници. Обвинителството сè уште обезбедува докази за да утврди дали постојат законски основи за нивна кривична одговорност за делото „Запуштање и малтретирање дете“. Засега не е донесена обвинителска одлука во овој дел од предметот.

Случајот ја потресе јавноста откако на социјалните мрежи се појавија снимки од физичко и психичко малтретирање на девојчето. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, насилството се случило во два одделни инциденти, а против четирите малолетнички беа поднесени кривични пријави за кривичното дело „насилство“.

Во меѓувреме, експерти за детска правда предупредуваат дека покрај судската постапка, неопходни се и превентивни механизми во училиштата и локалните заедници за навремено препознавање и спречување на врсничкото насилство. Тие посочуваат дека ваквите случаи покажуваат колку е важно институциите да реагираат уште при првите знаци на булинг, а не дури кога насилството ќе стане јавно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс