Американската вселенска агенција НАСА во вторник ќе ја започне една од најневообичаените вселенски мисии во последните години, спасување на вселенскиот телескоп „Свифт“, кој поради засилената сончева активност забрзано ја губи висината на својата орбита. Мисијата, вредна околу 30 милиони долари, предвидува лансирање на роботско летало кое треба да го пресретне телескопот, да го „улови“ со специјални роботски раце и постепено да го подигне на повисока и побезбедна орбита, со што ќе му овозможи да продолжи со својата научна работа.
За реализација на проектот, НАСА ја ангажираше стартап-компанијата „Catalyst Space Technologies“, чија автономна леталица „Lift“ ќе биде лансирана со ракета „Pegasus“ од авион над Маршалските Острови во Тихиот Океан.Според планот, на леталото ќе му бидат потребни околу еден месец за да стигне до телескопот, а потоа уште неколку месеци за да ја подигне неговата орбита од сегашните 360 на околу 600 километри над Земјата. Доколку сè се одвива според планот, „Свифт“ повторно би можел да биде целосно оперативен веќе во септември.
Роботската леталица, голема колку помал фрижидер, располага со соларни панели со распон од 12 метри и три роботски раце со специјални механизми за фаќање. Особен предизвик е што телескопот никогаш не бил дизајниран за ваков вид сервисирање во орбитата.
„Свифт“ беше лансиран во 2004 година со задача да ги проучува гама-зраците и другите високоенергетски космички појави. Во последните години, поради засилената сончева активност, атмосферата на Земјата е проширена, што создава поголем отпор и доведува до постепено намалување на орбитата на сателитите. Научниците предупредуваат дека за успешна мисија телескопот мора да остане над височина од 300 километри. Без интервенција, се проценува дека би можел да ја достигне таа критична граница веќе во октомври.
Доколку операцијата успее, таа би можела да стане модел за идни спасувачки мисии на други научни опсерватории во орбитата, меѓу кои и славниот вселенски телескоп „Хабл“, кој исто така постепено ја губи својата висина.