Американската вселенска агенција НАСА објави прелиминарен и амбициозен распоред за првите три мисии од програмата „Мунбејс“, со која треба да се тестираат технологии за идно трајно присуство на Месечината.
Мисијата со екипаж „Артемис 2“ беше успешно завршена во април, но прелетувањето покрај Месечината е само дел од поширокиот план за постепено создавање услови за идни мисии, слетувања и подолгорочно присуство на лунарната површина.
Претстојните мисии ќе се користат за тестирање ровери и лендери развиени во рамки на новите договори на НАСА, како и за проучување на условите на површината на Месечината пред идните слетувања.
Првата мисија, „Мунбејс 1“, е планирана за лансирање најрано во есента 2026 година. Таа ќе носи инструменти и камери за проучување на месечевата површина, со помош на лендерот „Блу мун марк 1 ендуранс“ на „Блу ориџин“.
Подоцна оваа година, „Мунбејс 2“ треба да го искористи лендерот „Грифин“ на „Астроботик“ за да го достави роверот „ФЛИП“ на „Астролаб“. Целта е стартапот да собере податоци што ќе помогнат во дизајнирањето на идни возила за движење по лунарен терен.
Третата мисија, „Мунбејс 3“, треба да биде реализирана пред крајот на годината. Таа ќе го користи лендерот „Нова-Ц тринити“ на „Интуитив машинс“ за проучување на лунарните вртлози и за испорака на товар за Европската вселенска агенција и Корејскиот институт за астрономија и вселенска наука.
НАСА има повеќе паралелни договори за испорака на товар, развој на ровери и тестирање лендери, што го прави целиот процес комплексен за следење.
Компаниите „Астролаб“ и „Лунар аутпост“ добија договори за развој и изградба на лунарни теренски возила, во вредност од 219 милиони и 220 милиони долари. „Блу ориџин“, пак, доби 118 милиони долари за испорака на овие ровери на Месечината, а истовремено развива и лендери што НАСА планира да ги користи за идни мисии.
Агенцијата неодамна го заврши тестирањето на лендерот на „Блу ориџин“ наменет за првата мисија кон Месечината. НАСА веќе доби и прототип од втора генерација, дизајниран за идни тестирања, обука и потенцијално носење екипажи.
Новите мисии за тестирање на лунарни лендери и ровери се дел од ажурираниот распоред објавен во февруари, според кој враќањето на луѓето на површината на Месечината е одложено до 2028 година.
Пред астронаутите повторно да стапнат на Месечината, НАСА планира да испрати беспилотни летала и инструменти за да ги испитаат потенцијалните места за слетување во рамки на мисијата „Мунфол“.