ФБИ ја продолжува истрагата за нападот што се случи во Вашингтон за време на вечерата со новинари, организирана во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според американските власти, 31-годишниот осомничен маж пред нападот објавил антихристијански манифест и планирал да нападне членови на администрацијата на САД, при што, како што се наведува, приоритет му биле највисоко рангираните функционери.
Политичкиот врв на САД бил безбедно евакуиран, осомничениот е приведен, а службеникот на Тајната служба кој бил ранет закрепнува.
Трамп изјави дека го прочитал манифестот и оцени дека напаѓачот бил радикализиран.
„Го прочитав манифестот, тој е радикализиран. Тој бил христијанин, верник, а потоа станал антихристијанин и имал многу промени. Врз основа на она што го напишал, неговиот брат се пожалил на него и мислам дека го пријавил во полиција, а и неговата сестра исто така се пожалила од него. Неговото семејство било многу загрижено. Веројатно бил прилично болен човек“, изјави Трамп.
Американскиот претседател оцени дека Тајната служба овојпат реагирала подобро отколку при обидот за атентат во Батлер, Пенсилванија, во јули 2024 година.
Осомничениот напаѓач се соочува со обвиненија за напад врз федерален службеник, употреба на огнено оружје и обид за убиство.
Вршителот на должност државен обвинител на САД, Тод Бланш, изјави дека во вакви случаи не е невообичаено да има обвинение за напад врз федерален службеник.
„Ќе има обвинение за пукањето од огнено оружје и обид за убиство на федерален службеник. Постојат и други обвиненија што произлегуваат од разгледувањето на доказите“, рече Бланш.
Според досегашните информации, напаѓачот во саботата вечерта се обидел да се доближи до салата каде што Трамп вечерал со членови на кабинетот и новинари. Американските медиуми наведуваат дека успеал со изненадувачка леснотија да се пробие низ обезбедувањето во хотелот.
Инцидентот речиси сигурно ќе доведе до преиспитување на безбедносните протоколи на Тајната служба, особено за локации што претходно биле обезбедувани повеќепати.
По претходните безбедносни инциденти поврзани со Трамп во Батлер и на Флорида, случајот во Вашингтон повторно ја отвора дебатата за тоа колку е тешко да се обезбедат големи политички настани во сегашната безбедносна клима.