Напад со нож кај Акропол: повредени двајца американски туристи

Двајца американски туристи се повредени во напад со нож кај јужниот влез на Акропол во Атина. Осомничениот, 60-годишен Грк, е уапсен.
Фото: Spyros Kamilalis

Двајца американски туристи се повредени утрово во напад со нож кај јужниот влез на археолошкиот локалитет Акропол во Атина, спроти Музејот на Акропол и билетарницата.

Тревогата била активирана во 8:03 часот, откако минувач го известил Центарот за полициски операции дека маж вооружен со нож им се заканува на луѓето во близина.

Кога полицијата пристигнала на местото, било утврдено дека мажот без провокација нападнал двајца туристи.

Повредени се грчко-американски пар

Според медиумските извештаи, повредените се грчко-американски пар.

Жената добила сериозна повреда на ногата, додека мажот бил повреден на раката. На местото веднаш пристигнала екипа на брза помош, која им укажала прва помош пред да бидат пренесени во болница.

Еден од повредените бил пренесен во болницата „Црвен крст“, каде му била укажана медицинска помош.

Осомничениот е уапсен

Осомничениот бил совладан и уапсен од припадници на полицијата во Атина.

Станува збор за 60-годишен Грк, кој, според информациите, претходно бил апсен за навреди и поседување нож.

Медиумите наведуваат дека тој двапати бил упатуван во психијатриски установи на лекување.

Исто така, се тврди дека наредба од 2022 година за негово присилно сместување не била спроведена, бидејќи полицијата не можела да го лоцира.

Полицијата продолжува со истрагата за околностите под кои се случил нападот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс