Две лица загинаа во напад со нож во училиште во близина на Берлин

Две лица се убиени во напад со нож во училишен кампус во Гозен Ној Цитау, во германската покраина Бранденбург, во близина на Берлин. Осомничениот за нападот е уапсен, а полицијата со големи сили го обезбедува училиштето додека трае истрагата.
Ilustracija: EPA

Нападот се случил во кампусот на приватните училишта „Докемус“ во Гозен Ној Цитау, во округот Одер Шпре. На местото веднаш биле испратени голем број полицајци, екипи на итната помош и спасувачи.

Според досегашните информации, во нападот со нож загинале жена и маж. Германската полиција потврди дека едно лице е приведено во врска со случајот, но засега не ги соопштува сите детали за жртвите и околностите на нападот. 

Според информации на германските медиуми, едната жртва е 18 годишна ученичка, додека другиот загинат е 30 годишен маж. Тој наводно се обидел да интервенира и да го спречи напаѓачот. Овие информации сè уште не се целосно потврдени од надлежните институции. 

Осомничениот е приведен, а полицијата го опколила и обезбедила целиот училишен комплекс. На терен биле испратени и хеликоптери, како и повеќе возила на итната помош. 

На кампусот се наоѓаат гимназија, средно училиште и стручно училиште. По нападот, родителите се собрале во близина на училиштето за да ги преземат своите деца, додека сообраќајот во околината бил значително отежнат. 

Од училиштето соопштија дека се длабоко потресени од трагедијата и дека, поради истрагата што е во тек, засега нема да изнесуваат детали за околностите на нападот. На учениците и вработените им е обезбедена психолошка поддршка. 

Полицијата и обвинителството продолжуваат со истрагата за да се утврдат точниот тек на настаните, мотивот и околностите што довеле до нападот. Засега нема официјални информации за мотивот на осомничениот. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс