Иако пластичната фолија е неизбежен дел од речиси секоја кујна, експертите за безбедност на храната советуваат да не се користи за сите видови намирници. Начинот на кој храната се складира може да влијае не само на нејзината свежина, туку и на безбедноста за консумирање.
Најголем ризик постои кај масната храна. Сланина, сирења, пржено месо, печива, колачи со путер-крем, како и други намирници богати со масти, не треба директно да се завиткуваат во пластична фолија. Причината е што мастите можат да го поттикнат пренесувањето на одредени хемиски соединенија од пластиката во храната, особено ако таа се чува подолго време или се загрева.
Експертите исто така предупредуваат пластичната фолија никогаш да не се користи во рерна и да не доаѓа во директен контакт со жешка храна или садови. При загревање во микробранова печка треба да се користи само фолија што е означена како безбедна за таква употреба, при што таа не смее да ја допира храната.
Како побезбедна алтернатива, стручњаците препорачуваат храната да се чува во стаклени садови, керамички садови или садови од нерѓосувачки челик. Овие материјали не реагираат со храната, полесно се чистат и не испуштаат хемиски материи, што ги прави подобар избор за долгорочно складирање.