Најубавите ресторани во светот за 2026 година: Архитектурата и гастрономијата во совршен спој

Prix Versailles ја објави листата на 16-те најубави ресторани во светот за 2026 година. Архитектура, дизајн и гастрономија во уникатен спој.
Фото: www.Pixel.la Free Stock Photos, CC0, via Wikimedia Commons

Меѓународната награда Prix Versailles, која ја промовира извонредноста во архитектурата и дизајнот, ја објави листата на 16-те најубави ресторани во светот за 2026 година. Изборот ги опфаќа угостителските простори кои се издвојуваат со впечатлива архитектура, внимателно осмислен ентериер и уникатно искуство за посетителите.

Меѓу најзабележителните е Nobu One Za’abeel во Дубаи, сместен на височина од околу 100 метри во комплексот One Za’abeel. Ресторанот нуди панорамски поглед кон градот и препознатлив спој на јапонска и јужноамериканска кујна, додека неговиот впечатлив ентериер е дело на студиото Rockwell Group.

На листата се најдоа и Le Fou во Виена и Monti во швајцарскиот Гштад. Le Fou комбинира елегантен коктел-бар со атмосфера инспирирана од парискиот ноќен живот, додека Monti нуди современа интерпретација на алпската архитектура со поглед кон швајцарските планини и топол амбиент создаден од дрво и рачно изработени детали.

Хонг Конг годинава има дури три претставници. Akira Back се издвојува со модерен и футуристички дизајн, Hana no Kumo со минималистичка јапонска естетика и интимна атмосфера, а Peridot со спектакуларен ентериер составен од илјадници светлосни елементи и концепт инспириран од природата.

На листата се најдоа и Monsieur Dior by Anne-Sophie Pic во Пекинг, кој ги поврзува гастрономијата, модата и уметноста, како и Escā Playa во Египет, чија архитектура изгледа како природно продолжение на карпестиот крајбрежен пејзаж.

Финска е претставена со Finlandia Bistro во Хелсинки, сместен во реновираната Finlandia Hall на архитектот Алвар Аалто. Во Лондон вниманието го привлекува Carbone, инспириран од гламурозните американски ресторани од средината на минатиот век, додека Rosso во Индија нуди комбинација од медитерански и индиски влијанија во амбиент опкружен со лозја.

Меѓу останатите избрани се Marlow во Монако, Monsieur Dior by Dominique Crenn во Беверли Хилс, јапонскиот минималистички ресторан Mottai во Флорида и Lucia во Лос Анџелес, првиот афро-карипски ресторан во градот, препознатлив по живописниот ентериер и музичката атмосфера.

Листата ја заокружува Amura by Ángel León во Кејп Таун, ресторан посветен на морскиот свет и богатството на океаните. Неговиот дизајн ги спојува природните материјали и елементите инспирирани од јужноафриканското крајбрежје, создавајќи простор кој нуди целосно гастрономско и визуелно доживување.

На крајот од годината, Prix Versailles ќе додели и специјални признанија за најдобар ентериер, најдобар екстериер и најдобар севкупен концепт меѓу избраните ресторани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс