Најмалку осум загинати во силни бури во Кина, се приближува и супертaјфунот Бави

Покрај бурите, кинеските власти се подготвуваат и за можниот удар на супертaјфунот Бави, кој се движи преку Тихиот Океан кон Тајван.

Најмалку осум лица загинаа откако силни грмотевични бури ја погодија кинеската покраина Хубеи во централниот дел на земјата, додека метеоролозите предупредуваат на нови обилни врнежи и опасност од торнада во области во кои живеат околу 200 милиони луѓе.

Според кинеските државни медиуми, невремето во понеделникот вечерта зафатило повеќе градови во покраината, предизвикувајќи големи материјални штети.

Ветрови до 149 километри на час

Во период од само четири часа, ветрови со брзина до 149 километри на час ги погодија градовите Хуангши, Хуангганг, Еџоу и Сјанинг, објави агенцијата Синхуа, повикувајќи се на покраинската служба за управување со вонредни состојби.

Националниот метеоролошки центар предупреди дека регионите Гуангси, како и источните покраини Џангсу и Шандонг, во следните 24 часа може да добијат и до 260 милиметри дожд, што значително го зголемува ризикот од поплави и свлечишта.

Во делови од североисточна и јужна Кина се очекува и појава на торнада.

Закана за земјоделството

Покраините Хубеи и Шандонг се меѓу најважните земјоделски региони во Кина, па обилните врнежи предизвикуваат загриженост за можни штети врз посевите со пченка, кикиритки и зеленчук.

Во последните години Кина сè почесто се соочува со екстремни временски појави, кои според експертите се поврзани со климатските промени. Поплавите и силните бури редовно предизвикуваат прекини во индустриското производство, уништување на инфраструктурата и милијардски економски загуби.

Се приближува супертaјфунот Бави

Покрај бурите, кинеските власти се подготвуваат и за можниот удар на супертaјфунот Бави, кој се движи преку Тихиот Океан кон Тајван. Американската Национална метеоролошка служба соопшти дека Бави веќе донел ветрови со брзина до 290 километри на час при преминувањето над островите Гуам, Тинијан, Сајпан и Рота, а неговото понатамошно движење внимателно се следи поради можните последици за регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс