Најмалку четири лица загинаа, а околу 20 се повредени во руски ракетен напад врз регионот Харков, соопшти началникот на регионалната воена администрација Олег Синјехубов. Според украинските власти, една од погодените локации е филијала на поштенската компанија во предградие на Харков. Синјехубов предупреди дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи спасувачките екипи сè уште ги расчистуваат урнатините.
Нападот уследи само неколку часа по еден од најинтензивните руски ракетни напади врз Киев од почетокот на војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во нападот врз главниот град загинало најмалку едно лице, а 16 биле повредени. Според украинската армија, кон Киев биле испукани најмалку 41 ракета, при што противвоздушната одбрана пресретнала 18 од нив. Во одделен извештај, украинската војска наведе дека соборила и 108 од вкупно 125 руски беспилотни летала.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека меѓу оштетените објекти има станбени згради, складишта и супермаркет, а тројца од повредените се во тешка состојба.
Москва: Цел беа воени и логистички објекти
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите биле насочени кон претпријатија од украинскиот воено-индустриски комплекс, логистички центри и инфраструктурни објекти во Киев, Киевската област, Запорожје, Дњепропетровската област и пристаништето Јужни. Според Москва, погодена била фабрика во Киев која произведувала заштитна опрема за украинската војска, како и логистички центри, трафостаници и индустриски постројки што, според руските власти, ги користеле украинските вооружени сили.
Руското Министерство за одбрана, исто така, тврди дека противвоздушната одбрана соборила две украински ракети „Нептун-МД“, еден проектил од системот „ХИМАРС“ и речиси 700 украински беспилотни летала. Овие тврдења не можат независно да бидат потврдени.
Нападите врз Киев и Харков следуваат откако Украина изврши напад со беспилотни летала врз складишта во Московската и Тамбовската област, при што, според руските власти, загинаа осум лица и беа предизвикани големи пожари.