Најмалку четири загинати и над 70 повредени во последните руски напади врз Украина

Руските напади низ Украина во изминатите 24 часа убија четири лица, а 78 се повредени, според локалните власти.

Утрово, Москва го нападна и Киев, каде што дрон погоди станбена зграда, објави „Киев Индепендент“ .

Во раните утрински часови, руски дрон погоди станбена зграда во областа Оболон во Киев. Воената администрација на градот Киев објави дека две лица се повредени и дека избувнал пожар.

Жртви во Чернигов

Руските сили го нападнаа и градот Чернигов. Според локалните власти, еден маж е убиен, а најмалку 25 лица се повредени.

Предупредувањето за воздушна опасност во Чернигов беше објавено околу 13:40 часот по локално време поради закана од ракети. Неколку минути подоцна, украинските воздухопловни сили известија дека кон градот се приближуваат беспилотни летала и крстосувачка ракета од типот „Бандерол“.

Градскиот совет на Чернигов соопшти дека цел на нападот биле две приватни компании, но не откри дополнителни детали.

Гранатирање во регионот Донецк

Обвинителството на регионот Донецк објави дека во руското гранатирање на станбена зона во Краматорск, град на фронтовската линија, едно лице е убиено, а шест други се ранети, меѓу кои три деца.

Во Славјанск, исто така град на првата линија, 62-годишна жена беше убиена, а четири лица беа повредени во вчерашните руски напади, напиша градоначалникот Вадим Љах.

Во регионот Дњепропетровск, едно лице е убиено, а осум се повредени во напад врз градот Дњепарк. Регионалниот гувернер Олександр Ханжа изјави дека уште три лица се ранети во општината Пидхородненскаја.

Девет лица, меѓу кои и две деца, беа повредени во напад на руски беспилотни летала врз градот Житомир на 23 октомври, соопшти украинската полиција.

Напади врз повеќе региони

Гувернерот на Харковската област, Олех Синехубов, изјави дека руските сили раниле седум лица, вклучувајќи 12-годишно девојче и 13-годишно момче. Тој додаде дека во нападите биле оштетени или уништени станбени згради, деловни објекти и бензински пумпи. Во Херсонската област, руските сили нападнале станбени области и раниле шест лица, соопшти регионалната воена администрација.

Три лица се повредени во руските напади во регионот Одеса. Гувернерот Олех Кипер изјави дека Русија погодила рекреативен објект, административна зграда и магацин.

Во Сумската област, Русија изврши 40 напади врз 25 населени места. Пет лица беа повредени во неколку општини, а регионалната воена администрација соопшти дека тревогата за воздушен напад траела вкупно повеќе од 18 часа.

Украинските воздухопловни сили објавија дека руските сили лансирале 126 дронови преку ноќ, од кои 61 биле со млазен погон. Украинската одбрана успеала да неутрализира 101 дрон, вклучувајќи 50 со млазен погон.


Русија оваа година го зголеми производството на беспилотни летала на млазен погон, кои се многу потешки за соборување од постарите модели со пропелер. Од друга страна, Украина ја подобри стапката на пресретнување на вакви авиони во последниот месец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс