Во Хрватска постои мал остров со богата историја и само 35 постојани жители. Островот Ошљак, сместен во Задарскиот канал во близина на местото Преко на островот Угљан, важи за најмалиот населен остров во земјата. Со површина од само 0,39 квадратни километри, тој претставува вистинска оаза на мирот и недопрената природа.
Според последниот попис на населението, на Ошљак живеат 35 луѓе, а во зимските месеци бројот на жители дополнително се намалува. Островот во минатото бил познат и како Лазарет, бидејќи во 17 век служел како карантински центар за лица заболени од заразни болести, меѓу кои чума и лепра.
Денес Ошљак е сосема поинакво место. Околу шеесетина куќи се опкружени со густа парк-шума составена од борови, чемпреси, маслинки и дабови дрвја. Благодарение на зачуваната природа и отсуството на масовен туризам, островот е едно од најтивките и најавтентични места на хрватското крајбрежје.
Посетителите можат да разгледаат бројни историски знаменитости, меѓу кои црквата Света Марија од 6 век, остатоци од ветерница од 16 век, како и старите куќи во населбата Валчиќ кои датираат од 17 и 18 век. На островот е зачуван и бункер од Втората светска војна.
Поранешното училиште, кое со години било затворено поради недостиг на ученици, денес е обновено и претворено во културен и општествен центар. Жителите особено се гордеат и со резервоарот за вода изграден за време на италијанската окупација, кој и денес обезбедува вода за целиот остров.
Ошљак е место без автомобили, што го прави идеален за пешачење и возење велосипед. Кружната патека долга два километри води покрај светилникот и старите ветерници, а од највисоката точка на островот се отвора прекрасен поглед кон Задар и околните острови.
До Ошљак може да се стигне со траект од Задар или од Преко. Иако туристичката понуда е ограничена и нема продавници, токму тоа го прави островот совршена дестинација за оние кои сакаат да избегаат од метежот, сообраќајот и брзиот ритам на секојдневниот живот.