Најголем дел од жртвите во „Пулс“ починале од труење со чад, покажа обдукцијата

Обдукцијата на 59 жртви покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид

Денеска во Кривичниот суд во Идризово продолжи судскиот процес за предметот „Пулс“ и пожарот во кочанската дискотека.

Пред присутните се читаа извештаи од обдукциите на телата на загинатите.

Според наодите, обдукцијата на 59 жртви на пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид. 

Кај пет од жртвите, обдукциското мислење од Институтот за судска медицина, исто така, констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина. 

Обдукцијата на три од жртвите кои починале во текот на лекувањето, исто така, констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото. 

Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, за кој рече, содржи одговори на прашања колкаво присуство во крв е смртоносно и колку брзо настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколу биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците. 

Обвинителството, исто така, предложи да биде повикано и сослушано вешто лице кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања кои произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење. 

– Ние за денеска бевме спремни за изведување на овие материјали докази. Знаеме дека и вас ќе ве интересираат прашањата кои ќе бидат дадени од вештото лице и затоа ќе ги дадеме во писмена форма пред Судот за да може да бидат поделени – изјави обвинителството. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни