За многумина патувањето не е само разгледување знаменитости и природни убавини, туку и откривање нови вкусови. Гастрономијата станува сè поважен дел од туристичкото искуство, а изборот на дестинација често зависи токму од локалната кујна и понудата на ресторани.
Според најновото рангирање на магазинот Time Out, титулата за најдобар град за љубителите на храната во 2026 година ја освои Лима, главниот град на Перу. Градот е познат по својата богата кулинарска традиција и морските специјалитети, особено по прочуеното севиче. Освен по квалитетната храна, Лима се издвојува и како една од најприфатливите дестинации за јадење надвор од домот.
Истражувањето било спроведено меѓу околу 24.000 жители од 150 градови ширум светот. Учесниците ја оценувале храната, квалитетот на рестораните, ценовната достапност и целокупната гастрономска култура, по што експертите на Time Out ја составиле конечната листа.
На второто место се најде Бангкок, кој и понатаму важи за една од светските престолнини на уличната храна. Градот е познат по комбинацијата на слатки, лути, кисели и солени вкусови, достапни по многу пристапни цени.
Третата позиција ја зазеде Мексико Сити, каде гастрономската сцена опфаќа сè – од врвни ресторани до традиционални улични тезги. Меѓу најпознатите локални специјалитети е тако ал пастор, јадење кое претставува вистински симбол на мексиканската кујна.
Во првите пет се најдоа и Лондон и Барселона. Лондон е препознатлив по својата разновидна понуда на светски кујни и високото ниво на ресторанска услуга, додека Барселона привлекува со медитеранските вкусови, локалните пазари и традиционалните каталонски специјалитети.
На листата на најдобри гастрономски дестинации за 2026 година се вклучени и Хо Ши Мин, Мелбурн, Пекинг, Атина, Лисабон, Кејп Таун, Осака, Бенгалуру, Неапол, Њујорк, Хонг Конг, Буенос Аирес, Марсеј, Копенхаген и Меделин