Најден експлозив кај електрана во Германија: Се истражува обид за саботажа

Специјалци деактивираа експлозивна направа во Бранденбург, додека властите истражуваат обид за удар врз енергетската мрежа.
Фото: EPA/CLEMENS BILAN

Германската полиција отвори истрага за обид за саботажа откако пронајде експлозив кај клучна трафостаница во местото Турнов-Прајлак, во сојузната покраина Бранденбург. Направата била поставена во непосредна близина на големата термоелектрана на јаглен „Јеншвалде“. Специјализирани полициски единици за деминирање веднаш го неутрализираа експлозивот на терен. Инцидентот предизвика само краток прекин во снабдувањето, а полицијата соопшти дека нема непосредна опасност за населението.

Полициски тимови за деактивирање експлозивни направи пристигнаа во Турнов-Прајлак уште во утринските часови по првичната пријава за оштетување на далноводната инфраструктура. Портпаролот на полицијата за германската новинска агенција ДПА потврди дека истражителите обезбедуваат материјални докази.

Германскиот весник „Ди Велт“ објави дека на дел од далеководите биле забележани физички оштетувања. Локалниот медиум „Меркише алгемајне“ јави дека експлозивната направа била успешно оневозможена директно на местото на настанот.

Операторот на преносната мрежа „50Херц“ соопшти дека диверзијата не успеала да предизвика колапс на системот. Од компанијата за Ројтерс изјавија дека засега непознати сторители оштетиле неколку линии, но снабдувањето со електрична енергија било прекинато само на кус временски интервал.

Истражните органи сè уште немаат соопштено официјални сомнежи за идентитетот или мотивите на напаѓачите. Германските безбедносни служби се на висок степен на претпазливост поради низа слични инциденти во изминатиот период.

Весникот „Ханделсблат“ потсетува на инцидентот од почетокот на годината, кога левичарски екстремисти подметнаа пожар на инсталации кај електрана во југозападниот дел на Берлин. Настанот во Бранденбург се случува и во период кога официјален Берлин подготвува проценки за неодамнешните обиди за напади со дронови врз аеродромот во Лајпциг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс