Нафтата се искачува кон 111 долари: Пазарите губат надеж за брз договор меѓу САД и Иран

Цените на нафтата повторно растат поради тензиите меѓу САД и Иран и неизвесноста околу Ормутскиот теснец. Инвеститорите стравуваат од нови нарушувања во глобалното снабдување со енергенси.

Цените на нафтата пораснаа во понеделникот на меѓународните пазари и се приближија до 111 долари за барел, бидејќи инвеститорите сè повеќе губат надеж за брз напредок во разговорите меѓу САД и Иран и за скоро отворање на Ормутскиот теснец.

На лондонскиот пазар цената на барел нафта попладнето беше повисока за 1,66 долари во однос на затворањето од минатата недела и достигна 110,92 долари. На американскиот пазар, пак, барелот поскапе за 1,52 долари и се продаваше за 106,94 долари.

Пазарите стравуваат од продолжување на кризата во Ормут

Трговците на почетокот на неделата испратија сигнал дека не очекуваат брз крај на нарушувањата во испораките преку Ормутскиот теснец. Аналитичарите на ING оценуваат дека посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина минатата недела не донела конкретен напредок околу кризата во Ормутскиот теснец. Според нив, надежите дека Пекинг ќе изврши влијание врз Техеран за придвижување на преговорите значително ослабеле.

Дополнителна загриженост на пазарот предизвика и нападот со дрон врз нуклеарна електрана во Обединетите Арапски Емирати за време на викендот, што според аналитичарите Ева Мантеј и Ворен Патерсон дополнително го зголемува ризикот од ескалација на конфликтот.

Трамп со ново предупредување до Иран

Во меѓувреме, Доналд Трамп повторно упати остри пораки до Иран. „Часовникот за договорот отчукува. Подобро е да реагираат, инаку ништо нема да остане од нив“, изјави американскиот претседател.

Аналитичарите наведуваат дека ваквата агресивна реторика придонела цената на нафтата „брент“ повторно да ја надмине границата од 110 долари за барел.

И покрај кризата, дел од бродовите сè уште минуваат

Сепак, растот на цените бил умерен, бидејќи медиумските извештаи покажуваат дека Иран во текот на два дена минатата недела дозволил премин на околу 30 бродови низ Ормутскиот теснец. Американската морнарица, исто така, пропуштила танкер со ирачка нафта наменет за Виетнам.

Според аналитичарите, тоа укажува дека САД и Иран и понатаму се во пат-позиција, но дека поморскиот сообраќај сепак не е целосно запрен. Сепак, предупредуваат дека ситуацијата може брзо да се промени. Во вакви услови, пазарот во голема мера се потпира на резервите на нафта и алтернативните извори на снабдување.

Американската привремена дозвола за купување руска нафта складирана на море истече во саботата, но извор од американското Министерство за финансии подоцна изјави дека дозволата ќе биде продолжена за уште 30 дена, по барање на повеќе земји.

Во меѓувреме, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) објави дека цената на кошничката нафта на нејзините членки во петокот пораснала за 2,33 долари и достигнала 116,87 долари за барел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс