Цените на нафтата денеска нагло пораснаа на светските пазари, при што цената на барелот на лондонската берза се приближи до 91 американски долар. Растот е поттикнат од новата ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, дополнителните безбедносни ризици за испораките на нафта и значителното намалување на резервите на сурова нафта во САД.
На лондонскиот пазар цената на барелот достигна 90,66 долари, што претставува дневен раст од 6,57 долари. На американскиот пазар, пак, барелот се тргуваше за 85,24 долари, односно 5,98 долари повеќе во однос на претходниот ден.
Пазарите реагираа по новите судири во регионот, откако американските и саудиските сили извршија напади врз цели во Ирак. Од Централната команда на САД (CENTCOM) соопштија дека нападите биле насочени кон групи кои, според нив, претходно нападнале американски воени сили и саудиска енергетска инфраструктура.
Во меѓувреме, Иран ги негираше обвинувањата дека стои зад ракетните напади врз цели во Саудиска Арабија. Сепак, Иранската револуционерна гарда соопшти дека извела напад врз американска воена база во Јордан.
Дополнителна неизвесност на енергетските пазари предизвикаа и изјавите на ирански воени претставници дека бродовите не треба да пловат низ Ормускиот Теснец без дозвола од Техеран. Иранската револуционерна гарда објави и дека запрела три нафтени танкери, тврдејќи дека се движеле по „небезбедна и незаконска рута“.
Ормускиот Теснец е една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта, преку која секојдневно минува значителен дел од глобалниот извоз на сурова нафта. Секоја закана за безбедноста на овој коридор предизвикува силни реакции на светските берзи.
Дополнителен поттик за растот на цените дадоа и најновите податоци на Министерството за енергетика на САД, според кои комерцијалните резерви на сурова нафта во земјата минатата недела се намалиле за 7,3 милиони барели.
Истовремено, американските стратешки резерви се намалиле за уште 3,8 милиони барели, достигнувајќи 307,7 милиони барели, што е најниско ниво од првата половина на 1980-тите години.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку тензиите на Блискиот Исток продолжат да се продлабочуваат, а испораките преку Ормускиот Теснец бидат нарушени, цената на нафтата би можела дополнително да расте во наредните денови.