Нафтата повторно поскапува, Македонија во исчекување на нови цени на горивата

Светските цени на нафтата повторно растат поради кризата на Блискиот Исток, а во понеделник РКЕ ќе одлучува дали ќе има ново поскапување на горивата во Македонија. Владините мерки и попустите на ОКТА истекуваат.

Цените на нафтата на светските берзи повторно одат нагоре, а Македонија влегува во нова неизвесност околу тоа по која цена граѓаните ќе точат гориво во наредните денови. Во понеделник Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја донесе новата одлука за малопродажните цени на бензините и дизелот.

Новото поскапување на суровата нафта доаѓа во време на засилени геополитички тензии на Блискиот Исток и стравувања дека кризата околу Ормускиот Теснец би можела дополнително да го наруши глобалното снабдување со енергенси.

Во меѓувреме, до понеделник сè уште важат антикризните мерки што ги воведе Владата за ублажување на ценовниот удар. Со нив, ДДВ за горивата беше намален на 10 проценти, а акцизата за два денари по литар.

Истовремено, до понеделник трае и попустот на горивата што го обезбедува ОКТА, по што ќе стане појасно дали домашниот пазар повторно ќе се соочи со поскапување.

Последната одлука на РКЕ донесе намалување на цената на дизелот за четири денари по литар, додека Еуросупер БС-98 поевтини за половина денар. Цената на Еуросупер БС-95 остана непроменета.

Но новите движења на светските пазари веќе сигнализираат дека периодот на краткотрајно олеснување може брзо да заврши. Аналитичарите предупредуваат дека секое продолжување на кризата околу Иран и Ормускиот Теснец ќе значи дополнителен раст на цените на енергенсите, а тоа директно ќе влијае врз транспортот, производството, инфлацијата и трошоците на граѓаните.

За Македонија, која е силно зависна од увоз на енергенси, секое поместување на светските цени брзо се чувствува и во домашната економија. Токму затоа одлуката на РКЕ во понеделник ќе биде внимателно следена и од граѓаните и од бизнис секторот, кои стравуваат од нов ценовен удар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс