Нафтата поевтинува по договорот меѓу САД и Иран, но светските резерви остануваат ниски

Цените на нафтата паднаа под 78 долари по најавата за нормализација на транспортот низ Ормускиот Теснец, но глобалните резерви остануваат на најниско ниво од 1990 година.

Цените на нафтата на светските пазари забележаа значителен пад по потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, кој отвора пат за нормализација на транспортот низ Ормускиот Теснец и постепено враќање на иранската нафта на меѓународните пазари. Сепак, и покрај оптимизмот кај инвеститорите, глобалните нафтени резерви остануваат на најниско ниво во последните неколку децении.

На лондонскиот пазар, цената на суровата нафта падна на 77,52 долари за барел, што е намалување од повеќе од два долари во однос на претходниот ден. Во САД, американската нафта се тргуваше по цена од 74,63 долари за барел.

Пазарите позитивно реагираа на потпишувањето на меморандумот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Документот поставува рамка за идни мировни преговори и предвидува постепено отворање на Ормускиот Теснец, една од најважните поморски рути за глобалната трговија со нафта.

Според договорот, Вашингтон ќе започне со укинување на поморската блокада на иранските пристаништа, додека Техеран ќе овозможи безбеден премин на комерцијалните бродови низ Ормускиот Теснец. Двете страни треба целосно да ги спроведат договорените мерки во рок од 30 дена.

Првите сигнали за нормализација веќе се видливи. Според податоците од поморскиот сообраќај, низ теснецот веќе поминале неколку танкери, меѓу кои и три саудиски супертанкери кои превезувале околу шест милиони барели нафта. Иранските медиуми, исто така, објавија дека најмалку три ирански танкери без пречки ги минале водите кои до неодамна беа предмет на безбедносни ограничувања.

Меморандумот дополнително предвидува американски дозволи за извоз на иранска нафта, петрохемиски производи и нафтени деривати, како и олеснување на банкарските трансакции, транспортните услуги и осигурувањето поврзано со овие испораки. Пред конфликтот, Иран извезуваше повеќе од три милиони барели нафта дневно, главно на кинескиот пазар. Иако најавите за враќање на иранската нафта донесоа олеснување на пазарите, податоците покажуваат дека резервите остануваат сериозен предизвик. Американското Министерство за енергетика објави дека комерцијалните резерви на нафта во САД во текот на минатата недела се намалиле за 8,3 милиони барели.

Дополнително загрижува и проценката на Меѓународната агенција за енергетика, според која стратешките резерви на земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој се намалиле за 163 милиони барели од почетокот на кризата и сега се на најниско ниво од декември 1990 година. Експертите оценуваат дека евентуалното целосно спроведување на договорот меѓу САД и Иран би можело постепено да ја стабилизира понудата на нафта од регионот на Персискиот Залив и да го намали притисокот врз глобалните пазари. Сепак, тие предупредуваат дека закрепнувањето нема да биде моментално, особено поради значителното трошење на резервите во изминатиот период.

Во исто време, Меѓународната агенција за енергетика прогнозира дека светската побарувачка за нафта ќе забави во текот на 2026 година за околу 1,1 милион барели дневно, делумно поради високите цени што доминираа на пазарот во претходните месеци. Според податоците на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), цената на референтната кошничка нафта на земјите членки во средата се намалила за 69 центи и изнесувала 83,74 долари за барел.

Развојот на настаните во наредните недели ќе биде клучен за насоката на енергетските пазари. Доколку се реализира најавеното отворање на Ормускиот Теснец и целосното враќање на иранската нафта на светскиот пазар, аналитичарите очекуваат дополнително стабилизирање на цените и намалување на ризиците за глобалното снабдување со енергенси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс